Покрај започнатото и недоизградено кино „Манаки“, кое се наоѓа во самиот центар на градот на Широк сокак, во Битола веќе со децении се заклучени сите други градски кина што постоеја и работеа доста успешно

Битола, која со организацијата на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ се најде на светската мапа на фестивали, е град без градско кино. Иронично, особено деновиве, кога сѐ во Битола е во знакот на филмот и на јубилејното 40-то издание на фестивалот.
Покрај започнатото и недоизградено кино „Манаки“, кое се наоѓа во самиот центар на градот на Широк сокак, во Битола веќе со децении се заклучени сите други градски кина што постоеја и работеа доста успешно.

Токму затоа, младите генерации битолчани не ни знаат дека во Битола едно време постоеја три градски кина – „Трудбеник“, „Партизан“ и „Македонија“, каде што на времето се бараше влезница повеќе за гледање филмови и каде што во текот на еден ден имаше дури и по три проекции на филмови. Но во Битола, која во последно време сѐ повеќе и погласно се промовира како филмски град, никој во градот не се прашува што стана со трите кина и зошто сите тие едноставно се напуштени и заборавени.
Киното „Трудбеник“, кое се наоѓа во самиот центар на градот и каде што се прикажуваа најпосетените филмови, под чудни околности беше отуѓено и претворено во магацин.

Ништо подобра не беше ниту судбината на киното „Партизан“, кое се наоѓаше на булеварот Први мај, до средното училиште „Таки Даскало“, и чии простории, по затворањето во неколку наврати беа пренаменувани. Едно време ова кино беше претворено во магацин за кондиторски производи, потоа во фитнес-сала, па во коцкарница… Денес тоа е напуштено, обраснато во треви и високи грмушки, така што не ни може да се влезе во него.

Приказната за киното „Македонија“ е уште поневеројатна. Ова кино, кое, исто како и киното „Трудбеник“, се наоѓа во самиот центар на градот, на Широк сокак, и кое по продажбата на хотелот „Македонија“ го купи приватен инвеститор, веќе со децении е затворено. Хотелот, во чии рамки постоеше киното „Македонија“ веќе 15 години е предмет на маратонски судски спор и поради тоа не можеше да работи. Со затворањето на хотелот „Македонија“ се затвори и киното „Македонија“, па, така, Битола денес е град без ниту едно кино.

– Навистина не ми е јасно, од една страна се гордееме со тоа дека Битола е филмски град, се гордееме со делото со браќата Манаки. И не само ние туку и сите вистински љубители на филмот од земјата и од светот што доаѓаат во Битола ја истакнуваат како филмски град и град на филмот, во кој твореле основоположниците на филмската кинематографија, браќата Јанаки и Милтон Манаки. Но Битола не само што не успеа да го отвори новото кино „Манаки“, кое почна да се гради, ако не се лажам, пред шест години, туку не успеа ни да ги заштити ни да ги реновира кината што постоеја претходно – ни вели еден од вистинските љубители на филмовите, кој, како што додава, уште како дете најмногу се радувал кога одел на кино.

Со заминувањето на Владимир Талески од градоначалничката функција пропадна и идејата во Битола да биде изграден филмски град. Импровизираниот филмски град што во неговото време беше подигнат во касарната во Битола е урнат, зашто, наводно, бил на неурбанизирана локација.

Освен тоа, за разлика од претходните неколку години, кога во Битола се снимаа по неколку филма или серии годишно, сега не се случува ни тоа.
Новата градоначалничка Наташа Петровска, по преземањето на власта, се откажа од идејата на Талески, а не покажува ниту некаков интерес за продолжување на изградбата на киното „Манаки“.

За љубителите на филмот во Битола, но и за пошироката јавност, навистина е несфатливо градот што 40 години организира филмски фестивал да нема ниедно градско кино, а просториите во кои некогаш беа сместени кината да бидат оставени да пропаѓаат и да го нагрдуваат лицето на градот.