Министерството за образование и наука го продолжува дијалогот со бизнис-заедницата, а факултетите ќе бидат активно вклучени во процесот на приближување на високото образование на барањата на пазарот на трудот. Заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани во обраќањето на Конференцијата „Високото образование и бизнисот – заеднички предизвици и приоритети“ рече дека овој дијалог е продолжение на соработката што МОН ја имаше со стопанските комори во процесот на утврдување на потребите на компаниите и креирање на нови струки во средните стручни училишта, за кои уписите се во тек.

– Преку кампањата „Учи паметно, работи стручно“, поддржана од Амбасадата на Швајцарија создаваме средно стручно образование кое, особено преку дуалното образование, ќе обезбеди кадар баран од компаниите, но и зголемување на можностите за вработување на младите. Истовремено ова е солидна основа за продолжување на образованието на високообразовните установи посебно на техничките факултети, кои изминатиот период беа помалку атрактивни за младите – нагласи Шабани.

Во првата фаза од кампањата, преку интензивен дијалог меѓу МОН, локалните самоуправи, училиштата и бизнис заедницата беа идентификувани потребите од отворање на одредени профили и паралелки во секоја од општините, согласно состојбите на локалниот пазар на работна сила. И уписната политика за учебната 2021/2022 беше креирана согласно тие потреби. Во втората фаза, средните училишта ги презентираат пред идните средношколци сите новини, придобивки и можности кои ги нуди стручното образование, информираат од МОН.

– Се оформија 97 паралелки во 46 средни училишта кои заедно со над 200 компании ќе спроведуваат концепт на дуално образование, кој е интересен за младите затоа што се фокусира повеќе на практична обука на работно место, наместо на изучување теорија во училница. Со новата политика на стипендирање, за учебната 2021/2022година, предвидуваме 2000 стипендии во вредност од 3.500 денари на месечно ниво за 9 месеци во годината за сите кои ќе се запишат во дуална паралелка и тоа е одличен мотив за додека се учи, истовремено и се остварува приход, кој и тоа како им значи на младите. Сепак, најголем мотив за изборот на средното стручно образование треба да биде веројатноста за брзо ангажирање на пристојно и добро платено работно место, за обезбедување на економска независност од семејството што ќе одговара на европскиот просек за осамостојување – потенцираше Шабани.

Тој потсети дека е зголемен бројот на паралелки за средно стручно образование за 5% и од вкупно 30 илјади слободни места по конкурс, речиси 20 илјади се наменети за стручно образование.