Фото: Дарко Андоновски

По најновите најави за проширување на барањето за екстрадиција на поранешни функционери што се товарат за одредено незаконско дело пред јавноста се наметнува дилемата колку екстрадицијата, како правна алатка, може да биде ефикасна, какви ефекти се постигнати досега за редица други случаи и какви се процедурите за спроведување екстрадиција на одредено лице

Случајот „27 април“, односно судскиот прогон за учесниците и организаторите на упадот во Собранието на 27 април 2017 година не е завршен, и покрај Законот за амнестија, кој беше донесен на крајот од минатата 2018 година. Тоа е извесно по наредбата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – за спроведување истражна постапка против пет лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, по членот 313 од Кривичниот законик. Одлуката за нова истражна постапка е донесена пред два дена, а веднаш на две од осомничените лица, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, им беше одреден и 30-дневен притвор. За поранешниот спикер на парламентот Трајко Вељаноски, кој исто така е меѓу петте осомничени, судот не одреди никаква мерка на претпазливост, бидејќи тој се повика на пратеничкиот имунитет, но во Собранието ќе биде поведена постапка за одземање на имунитетот.

Двајца од петте осомничени за организација на „27 април“: Никола Груевски, поранешен премиер, и Никола Бошковски, поранешен разузнавач, се во бегство надвор од земјава, во Унгарија, односно во Грција. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески најави дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција преку Министерството за правда ќе побара проширување на барањата за екстрадиција, за и Груевски и Бошкоски да бидат екстрадирани во земјава и судени за тешкото кривично дело. По ваквите најави, пред јавноста се наметнува дилемата колку екстрадицијата, како правна алатка, може да биде ефикасна, какви ефекти се постигнати досега за редица други случаи и какви се процедурите за спроведување екстрадиција на одредено лице. Од друга страна, иницијативата за проширување на барањата за екстрадиција во јавноста е дочекана и со воздржаност, со оглед на тоа дека Груевски веќе има добиено азил во Унгарија врз основа на пресуда за друг судски предмет, за кој требаше да издржи казна затвор од две години. Додека, пак, Врховниот суд на Грција веќе еднаш го одби барањето за екстрадиција на Никола Бошковски, повикувајќи се на амнестијата што ја додели претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов, во 2016 година.

– Македонската правда, односно Министерството за правда не треба да се откаже од барањето екстрадиција за Груевски и Бошковски. Нема значење тоа што е одбиена екстрадицијата во Грција за друго дело на Бошковски. Реално, ова дело за кое сега се товари е потешко и би требало да се удоволи на барањето за екстрадиција. Што се однесува до Никола Груевски, никој официјален орган, ниту од Унгарија, ниту од Македонија не потврди дека му е доделен азил. Тоа го вели самиот тој, но поизвесно е дека има добиено дозвола за престој. Сепак и во неговиот случај, ова за што сега се товари е реално истрага за потешко обвинение. Сметам дека Министерството за правда треба да го направи тоа побрзо – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.

Од Министерството за правда, во чија надлежност е барање екстрадиции на лица од странски земји за кривични дела сторени во Македонија, велат дека ќе ја започнат постапката штом Основното јавно обвинителство ќе се обрати до нив и ќе им ја достави сета потребна документација за поведување постапка.

Од досегашната правна практика, успехот во реализацијата на барањата за екстрадиција од страна на Македонија е релативен. На веб-страницата на Министерството за внатрешни работи, моментално се огласени педесетина лица по кои се распишани меѓународна потерница и неколку национални потерници, за сторени разни кривични дела. На тој список се наведени и Никола Груевски и Никола Бошковски, но и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, осудени на доживотна казна затвор, како првообвинети за случајот „Монструм“, т.е. за петкратното убиство на Смилковско Езеро. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се осудени во отсуство, откако веднаш по стореното дело пребегнаа во Косово. Во меѓувреме, Демири и Исмаиловиќ ја одлежаа две и полгодишната затворска казна во Косово за нелегално поседување оружје, потоа судот во Приштина донесе одлука да не се дозволи екстрадиција на осудените во Македонија.

Долгогодишен и неуспешен е и случајот со барањето за екстрадиција на поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски од Србија. За него, судот во Белград еднаш одобри екстрадиција, па потоа ја повлече одлуката. Даравелски има двојно државјанство и е државјанин и на Србија.

Познат е и случајот од 2012 г., кога е извршена екстрадиција на македонски државјанин од Франција, 20 години по стореното кривично дело, како оној на Миле Хаџиски, за убиство на Мери Јошевска во 1992 година во Скопје. Релативно неодамна, во август минатата година, беше извршена екстрадиција на македонски државјани од Сирија и Ирак, кои биле обвинети за тероризам и учество во борби во странски војски…

Сепак, правните експерти посочуваат дека голем дел лица што сè уште се наоѓаат во бегство имаат двојни државјанства, а судбината на другиот дел „бегалци“ зависи од политичката волја на земјите и дали тие држави имаат потпишано договор за екстрадиција. Од друга страна, според Кривичниот законик на Република Македонија, можно е да се избегне затворската казна, по извесен временски период до застарување на делото. Како што е наведено во членот 109, ако лицето е осудено на доживотен затвор, казната застарува кога ќе поминат 30 години од пресудата, односно ако осуденикот се наоѓа во бегство повеќе од 30 години. Но слична олеснителна околност се предвидува и за лицата што се осудени на 10 години затвор, бидејќи застарувањето на делото поминува по 20 години поминати во бегство. За две години застарува казната и за сите осудени на една година или со парична казна.


Груевски ја отфрла вината за „27 април“

Откако ОЈО најави проширување на барањата за екстрадиција, поради истрага за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, од Будимпешта, повторно на социјалните мрежи се огласи поранешниот премиер Никола Груевски, отфрлајќи ги обвинувањата за такво дело.
– Којзнае по кој пат ќе повторам, ниту сум организирал, ниту сум дал согласност некој да организира насилен упад во парламентот и физичка пресметка со пратеници. Напротив, прв од сите политичари веднаш штом дознав побарав смирување на состојбата преку социјалните мрежи, бидејќи тој и претходниот ден бев на пат во Виена. Ги повикувам од ОЈО да ги објават јавно доказите против мене. Многу би сакал да ги видам доказите за нешто што не само што не сум го сторил, туку гледајќи како власта го иритира народот, сум стравувал некој друг во такви околности да не го стори тоа, а целата вина и целата негатива да падне на грбот на ВМРО и нејзините членови и функционери – пишува Никола Груевски.