Бегалската криза и можните реперкусии врз државата

Повеќе од 3,5 милиони сириски бегалци се присутни на територијата на Турција, а по декемвриските воени операции има информација дека уште еден милион бегалци мигрирале од Сирија во Турција. Така, и бројот на бегалци што пристигнуваат од Турција во Грција драматично расте.
За волја на вистината, за да го намали внатрешниот притисок на бегалците, Турција почна депортација на сириски бегалци што не се регистрирани во Турција назад во воената зона. Во врска со ова, Турција ги повика САД да помогнат во формирањето безбедносни зони во североисточните курдски територии во Сирија. Планот беше таму да се префрлаат околу половина милион бегалци од регионот на Идлиб. Но планот на Ердоган засега не успева.

Втората опција за ослободување на притисокот создаден од бегалците во турската држава е ослободување и активирање на европската маршрута за бегалците сконцентрирани во западните делови на Турција. Ова реално сценарио вклучува Турција да ги отвори границите кон ЕУ (поточно Грција и помалку Бугарија), дозволувајќи им на сириските бегалци да се упатат кон Европа. Во целото можно сценарио, и покрај напорите на Грција (и поддршката на САД) да направи сѐ што е можно за помала пропустливост на бегалците, голем бран бегалци (повеќе од 100.000) веќе се сконцентрирани на турско-грчката граница подготвени да ја газат маршрутата кон Македонија. Во ситуација кога ние немаме капацитет да се справиме со таквото бегалско цунами да биде спречено да влезе од нашата јужна граница (а дел и од источната) и во ситуација Србија со помош на Унгарија херметички да ја затвори својата јужна граница кон Македонија, бегалците остануваат отсечени на нивната маршрута кон ЕУ токму во нашата земја. Ако тргнеме од фактот дека нашиот плафон за менаџирање со бегалци (прифаќање, сместување и др.) е околу 2.000-2.500 лица, тогаш цифрата од десетина пати повеќе само во првиот бран би направила хаварија од несогледливи последици.

Дури и да биде перфектно организиран бегалски коридор во правец југ-север, бегалците поради затворената српска граница би се концентрирале кон качаничката клисура и преминот Блаце кон Косово, што би било бегалски „вентил“ кон север.
Сето ова потсетува на бегалската криза од бомбардирањето на НАТО на Србија, само со бегалци во обратна насока, но, секако, со огромна колатерална штета направена кон Македонија.

Сѐ поизвесниот нов масовен бегалски бран, откако Турција им го отвори патот на бегалците и мигрантите кон европските земји, деновиве поприма сѐ подраматични димензии по информациите дека огромна бројка луѓе се обидуваат на секој начин да ги пробијат границите на нашите соседи и да се упатат накај Европа. Грчките власти регистрирале дека за приближно 60 часа во земјата нелегално се обиделе да влезат над 24 илјади лица од Турција. Реалните очекувања се дека во наредниот период приливот на мигранти драстично ќе порасне. Тоа, впрочем, најдобро го отсликува и изјавата на Ердоган, кој порачува дека мигрантите што ќе се упатат кон Европа ќе се бројат во милиони.

Ваквите случувања ги мобилизираат соседните земји да ги затворат границите, но опасноста голем дел мигранти да навлезат во Македонија е повеќе од реална. Во услови кога границите кон Европа се затвораат, нивното влегување во Македонија би било како дување на балонот единствено и најмногу на штета на Македонија.
Во меѓувреме и балканскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), по повод актуелните настани, се запрашува дали Балканот е подготвен за нов мигрантски бран.
Медиумот информира дека во Босна политичарите се конфронтираат за информациите дека им недостигаат 1.200 гранични полицајци за да се заштити државата од можните случувања.

Натаму, според РСЕ, во регионот Фронтекс веќе склучил договори со Србија и Црна Гора за зголемување на бројот на припадниците на оваа служба во овие две држави. Хрватска, од друга страна, веќе побарала одговор од ЕУ за актуелните настани, а тамошниот премиер Андреј Пленковиќ информирал дека 6.500 гранични полицајци поддржани со финансии од ЕУ тешки 270 милиони евра за заштита на шенген-зоната ќе бидат употребени да се превенира новото сценарио за можна бегалска криза. Но каде е Македонија во целата оваа приказна? Можно ли е токму ние да го преземеме најголемиот товар и кај нас да се стационираат повеќе десетици илјади бегалци.
Во сублимиран заклучок експертите со кои се консултиравме велат дека доколку навистина се случи едно вакво несакано сценарио, во кое соседите херметички би ги затвориле границите, а огромен прилив на бегалци и мигранти би се нашле во Македонија, тогаш нашата земја ќе биде исправена пред голем број предизвици од безбедносна, хуманитарна, здравствена и економска природа.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, кој раководеше со македонската полиција за време на бегалската криза од 1999 година, вели дека нашата држава, за среќа или за жал, има големо искуство во справувањето со хуманитарни случувања од ваков карактер.
Според Трајанов, Македонија во првиот период од масовното пристигнување на бегалци и мигранти, пред сѐ би се соочила со голема хуманитарна криза, бидејќи би требала да најде сместување за огромен број бегалци, иако во моментов имаме капацитети за привремено задржување само на 2.000 луѓе што би транзитирале низ државата кон крајните дестинации.

– Потоа државата би се соочила со недостиг од медицински реквизити и лекови, кои би требало да им ги испорачува на оние луѓе од Блискиот Исток што би се нашле во нашата земја. Овие луѓе би можеле да донесат различни болести и инфекции што од нивните краишта би пристигнале во Европа. Натаму, ресурсите (струја, вода, греење) исто така би биле проблем, бидејќи за нивно користење, додека се згрижуваат овие луѓе, државата би требала да ги троши неповратно. Потоа, би се справиле и со можни дипломатски реакции, од страна на соседите, но и од земјите во ЕУ доколку нашите политичари би се судриле во ставовите со странските државници за судбината на мигрантите и бегалците што би се нашле во Македонија во одредено време. Потоа, нашата земја би имала и проблем од безбедносна димензија, бидејќи тука, кај нас, би стигнале луѓе од Блискиот Исток што би можеле да се приврзаници на радикални исламски организации, како онаа на Исламската држава. Слични состојби имавме и во 1999 година, кога од Косово меѓу бегалците пристигнаа и активисти на УЧК, кои во нашата земја се обидоа да изградат терористички ќелии и да ја нарушат безбедноста на државата – вели Трајанов.

Може ли Македонија да се соочи
со ефект на пренадуван балон, пред пукање – Фото: Игор Бансколиев

Токму затоа, оценува Трајанов, нашата земја во наредниот период треба внимателно, во тесна соработка со ЕУ и со меѓународните партнери, да се обиде превентивно да дејствува и да направи максимални напори херметички да ја затвори нашата граница, што во исто време е еден многу тежок процес.
Слично размислува и докторот по воено-политички науки Благоја Марковски, кој подвлекува дека во суштина никој сосила не може да ја натера Македонија да прими огромен број мигранти и во тој правец треба да имаме издржан национален став, кој решението на евентуалниот проблем ќе го бара заеднички со Европската Унија.
– Во контекст на последниот развој на настаните, можам да прогнозирам дека Македонија би можела да биде безбедносно и хуманитарно размрдана доколку на наша територија пристигнат поголем број бегалци од капацитетите што ги имаме во моментов – вели Марковски.
Но доколку се случи ова сценарио, Марковски прогнозира дека тоа ќе иницира редица верижни настани што би биле проблематични за нашата земја и општество.
– Во прв план верувам дека наглиот наплив на мигранти и бегалци би предизвикал политичка криза во Македонија, имајќи го на ум радикално различниот став по ова прашање на власта и опозицијата. Сето тоа дополнително би ја политизирало климата, а тоа ќе го поларизира и подели населението во земјата кога таа би требало да се справува со стотиците илјади луѓе што би можеле да стигнат тука.

Следен проблем на кој треба да се смета е дека станува збор за луѓе од сосема друга животна средина што ќе стигнат тука, кои имаат свои специфики на однесување, кои, пак, може да бидат причина тие да се судрат по разни основи со институциите што се грижат за јавниот ред и мир. Натаму, овие луѓе можат со себе да донесат и разни болести што не се карактеристични за нашето поднебје, што, пак, ќе бара дополнителни напори од здравствените органи во Македонија за да се излечат потенцијалните вируси и хронични заболувања. Натаму, речиси со сигурност може да се очекува дека ваквите ситуации ќе ги искористат и луѓето со криминално досие, кои може да ја нарушат безбедноста на Македонија. Имено, овие луѓе тука ќе пристигнат маскирани како бегалци, а потоа тие би можеле да се обидат да го нарушат јавниот ред и мир во Македонија спроведувајќи разни криминални активности, како спроведување кражби и разбојништва, иницирање нереди и демонстрации па дури и вршење на терористички активности – вели Марковски.
Токму затоа Марковски советува дека оние што раководат со земјата треба на големо да се веќе активни на терен за да се превенираат можните негативни ефекти од новиот мигрантски бран пред тој практично и да се случи.


Претседателот на јужната, премиерот на северната граница

Проверката на функционирањето на системот за превенција од евентуален мигрантски бран и од ширење на коронавирусот го одведе вчера државниот врв во посета на двата гранични премини што за време на балканската маршрута во 2015 година беа активни во справувањето со хуманитарната криза.
Претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, вчера изврши обиколка на припадниците на АРМ стационирани на јужната граница на државата, а потоа го посети транзитниот центар кај Гевгелија, каде што се врши регистрација на мигрантите.
Во изјавата за медиумите, претседателот Пендаровски истакна дека во моментов не е регистриран поголем број на илегални мигранти, освен вообичаените за овој период од годината.
Од друга страна, премиерот Оливер Спасовски, пак, речиси истовремено на северната граница од земјата го посети граничниот премин Табановце, придружуван од министерот за здравство Венко Филипче.
– Ако дојде до какво било отворање на маршрутата, односно зголемување на бројот на бегалци, тие низ Македонија може само да транзитираат или да имаат привремен престој до 72 часа – рече премиерот.


Сијарто очекува бран од 100.000 мигранти во Европа

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, изјавил дека очекува бран од 100.000 мигранти во Европа во наредните недели. Унгарија ја предупредила соседна Србија дека ќе ги заштити своите граници и нема да дозволи влез на мигранти од српска територија.
Сијарто му понудил на српскиот колега Небојша Стефановиќ помош Србија да ја заштити својата граница со Македонија.


Германија не е подготвена да прима бегалци

Портпаролот на германската влада, Штефан Зајберт, вчера изјави дека илјадниците бегалци и мигранти што се натрупаа на границата меѓу Турција и Грција не можат да влезат во Европската Унија.
– На надворешната граница на ЕУ со Турција, по копно и по море, преживуваме ситуација што предизвикува сериозна загриженост. Гледаме бегалци и мигранти на кои турската страна им кажала дека патот за ЕУ им е отворен, што, се разбира, не е точно – подвлече Зајберт.Портпаролот е категоричен дека кризата од 2015 година не смее да се повтори, информира „Дојче веле“.

[email protected]