Вчера во Скопје започна големата хуманитарна акција под мотото #СтоимеЗаедно – #WeStandTogether – #Qëndrojmësëbashku.

– Денес, 14ти мај, е денот кога сите сплотени, поддржувачите од Европската Унија, г-дин Никола Бертолини, градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, МЦМС, Цивика мобилитас, Гонце и колешките и ЦБФ Македонија, како и волонтерите од ЛГБТ Јунајтед Тетово, НРЦ Куманово, Хаус оф Хоуп, Ленче Здравкин од Велес, членови на Skopje Wild Boars Rugby Club тимот успеавме да спакуваме над 18 тони од планираните 35 тони храна, изјавија од непрофитната хуманитарна организација „Банка за храна МК“.

Во име на делегацијата на Европската Унија во Скопје, се обрати Никола Бертолини.

– Во Европската Унија, годишно пропаѓаат околу 88 милиони тони храна за чие производство се трошат околу 143 милијарди евра. Пропаѓањето на храната не е само етички и економски проблем, туку претставува и проблем за околината и искористувањето на нејзините лимитирани природни ресурси – наведува во соопштението Никола Бертолини, раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Акцијата ќе продолжи утре, во понеделник ќе се одвива во Неготино и Кавадарци, а потоа по планот и програмата и во останатите 18 општини.

– Со голема сигурност укажуваме дека ова е една од најголемите акции што една граѓанска организација воопшто ја испланирала и реализирала на овие простори – подготовка и дистрибуција на 1.620 прехранбени пакети, 6.480 заштитни маски и 1.620 дезифектанти до 1.620 семејства во 20 општини во нашата држава. Секако дека нема да застанеме на ова, во подготовка е уште едно пријатно изнендадување од страна на Европската Унија, кога ќе обезбедиме уште повеќе храна и пакети за нашите сограѓани – информираат од „Банка за храна МК“.