Дека идејата е сериозна говори и фактот што српскиот претседател Вучиќ за ова неодамна добил поддршка и од американскиот претседател Доналд Трамп, кој смета дека е добро петте балкански земји да стапат во унија, која би функционирала според принципите на ЕУ. За дел од аналитичарите, во идеите за некакви балкански унии се крие намерата на Брисел да ги држи понастрана од ЕУ земјите од Западен Балкан

Германскиот Бундестаг даде зелено светло за почеток на пристапните преговори за членство на Македонија и на Албанија во Европската Унија, Србија и Црна Гора веќе преговараат, а најавената средба меѓу премиерите Еди Рама, Александар Вучиќ и Зоран Заев на почетокот на октомври во Нови Сад, многумина ја толкуваат како обновување на идејата за создавање еден вид „мал шенген“ на Балканот како увертира пред влезот на целиот регион во Унијата.

Процесот на преговарање со ЕУ е долг, а познавачите на состојбите велат дека тој би можел да потрае и десетина години. Србија и Црна Гора веќе преговараат, но и овие преговори одат со бавно темпо, така што земјите од регионот по малку изморени од престојот во европската чекалница, имаат потреба за поголема меѓусебна соработка и поврзување во сите сфери, што во последно време почнува и да се случува.
Имено, Србија и Македонија веќе воведоа заедничка контрола на границата само со едно застанување, а слична иницијатива има да се направи тоа и со Албанија. Олеснувања започнаа и во делот на телекомуникациите, со укинување на роамингот меѓу земјите од регионот, а владите сè почесто одржуваат заеднички седници. Граѓаните веќе можат да патуваат само со лична карта, така што се наѕираат контурите на идната балканска унија во која би се нашле Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Косово и БиХ.

Дека идејата е сериозна говори и фактот што српскиот претседател Вучиќ за ова неодамна добил поддршка и од американскиот претседател Доналд Трамп, кој смета дека е добро петте балкански земји да стапат во унија, која би функционирала според принципите на ЕУ.

Од друга страна, ниту ЕУ нема ништо против оваа идеја бидејќи ќе се овозможи поблиска комуникација и соработка меѓу земјите во регионот, како и можност тие одеднаш да влезат во Унијата со што би се отстранила практиката за меѓусебно блокирање меѓу земјите-членки и земјите-аспиранти за членство.
За дел од аналитичарите, во идеите за некакви балкански унии се крие намерата на Брисел да ги држи понастрана од ЕУ земјите од Западен Балкан, но има и такви што сметаат дека балканската унија е многу добра иницијатива.

– Идеите за некакво балканско обединување потекнуваат главно од Тирана, а целта е формирање на некаков АЛМАКОС (Албанија, Македонија и Косово), во кој првично беше замислена и Црна Гора, во кој Албанците би биле доминантни. Последниве години, откако ЕУ се покажа неспособна да нè интегрира, од Брисел, и не само од таму, доаѓаат иницијативи за некаква балканска царинска унија и слични содржини, со единствена цел да нè држат подалеку од Брисел бидејќи кај актуелните членки, особено кај поголемите и поглавните, постои отпор кон проширувањето – вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

Тој додава дека формирањето на таква балканска унија се замислува како некоја утешна награда за нас.
– Залагајќи се за што поширока соработка со соседните земји, Македонија мора да биде апсолутно против какви било форми на некакво обединување – смета Никовски.
Од друга страна, професорот Јове Кекеновски смета дека формирањето на ваква унија е добро за земјите од Западен Балкан.

– Без разлика на евроинтеграциите на секоја земја, би било добро една ваква иницијатива да заживее, посебно на економски план. Добро би било во неа да се вклучат и Бугарија и Грција – вели Кекеновски.
Според него, не станува збор за возобновување на поранешна Југославија или за формирање на некаква балканска федерација.
– Тука, според мене, станува збор за олеснување на протокот на стоки и луѓе, што во суштина е многу добра иницијатива и врз чија основа се базира и самата ЕУ – додава Кекеновски.

И бизнисмените од земјите од Западен Балкан отворено се залагаат за здружување, укинување на бариерите и слободен проток на луѓето и стоките.
– Иницијативата за „мал шенген“ меѓу Србија, Албанија и Македонија е нешто што ни го зборуваат Западна Европа и ЕУ последните дваесет години, но не можеме да сфатиме затоа што сме национално пречувствителни, затоа што сметаме дека зад оваа идеја стои некаква обнова на Југославија и затоа што има премногу историја на Балканот и многу малку иднина – вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Тој додава дека иднината на Балканот лежи токму во обединувањето и во бизнисот. Несомнено сите иницијативи за олеснување на животот на граѓаните од овие простори треба да бидат поздравени, бидејќи секогаш и во минатото се покажа дека сојузништвото носи резултати и успех на сите полиња, па нема причина да не се верува дека зголемената доверба меѓу народите ќе ги намали и меѓусебните предрасуди во земјите на Западен Балкан.