Експертите со кои се консултиравме во сублимиран заклучок велат дека нашите граѓани не треба да стравуваат дека земјотреси со ваква сила, како во Албанија и Босна, во блиска иднина би можеле да се случат во нашата држава и мали се шансите да дојде до активирање на епицентралното подрачје во Македонија

Во интервал од само неколку часа во Македонија можеа се почувствуваат потресите од серијата земјотреси што ги зафатија Албанија и Босна и кои предизвикаа големи материјални штети и однесоа голем број човечки жртви.
Првиот земјотрес почувствуван во Македонија беше регистриран вчераутро, во 3.54 часот, чиј епицентар потекнуваше од соседна Албанија, или поточно од подрачјето на Драч. Неколку часа подоцна, во 10.19 часот, нашата држава пак беше вознемирена од потрес на Балканот, но овој пат епицентарот бил во Босна и Херцеговина, со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала.
Серијата земјотреси во соседството и на Балканот секако го наметнуваат и прашањето дали и колку е Македонија засегната, односно како поместувањето на тектонските плочи и тресењето на тлото може да се одразат врз нашата држава.

Експертите со кои се консултиравме во сублимиран заклучок велат дека нашите граѓани не треба да стравуваат дека земјотреси со ваква сила, како во Албанија и во Босна, во блиска иднина би можеле да се случат во нашата држава.
Сеизмологот Михаил Гаревски вели дека по земјотресите во Албанија и во Босна и Херцеговина, мали се шансите да дојде до активирање на епицентралното подрачје во Македонија.

– Конкретно, земјотресот во Албанија не е за изненадување, бидејќи оваа земја е многу посеизмички активен регион од оној на нашата држава, затоа што таму сѐ се подвлекува под Динаридите, таканаречената микројадранска плоча – вели Гаревски.
Сеизмологот истакнува дека во овој момент многу е неблагородно да се процени како ќе се развиваат ваквите настани во иднина во регионот, но може да се заклучи дека граѓаните во нашата земја не треба да стравуваат дека во скоро време би ни се случила природна непогода како оние во соседството.

– Речиси е сигурно дека главниот удар веќе се случи во Јадранско Море и од таа точка јас не верувам дека во наредниот период ќе следуваат поголеми потреси од него. Па, оттука, не верувам дека во нашата држава во наредниот период би можело да има земјотреси што би можеле да предизвикаат одредена поголема материјална штета на објектите. Сепак, она што е сигурно во овој момент е дека би можеле да очекуваме само помали афтершокови што ќе следуваат по немилите случувања во нашиот регион. Но тие би биле безопасни, бидејќи сите објекти во земјава што се изградени по 1963 година се доста сигурни од ваков тип природни катастрофи и нашите граѓаните не би требало да се плашат дека афтершоковите може да се предизвикаат одредени материјални штети на кој било објект на територијата на Македонија – вели Гаревски.

Тој истакнува дека двата земјотреса на Балканот се независни појави една од друга и не верува дека оној во Албанија, кој се случи прв, го поттикнал односно предизвикал вториот земјотрес во Босна и, дополнително, дека не може да се очекува активирање на некој од сеизмички активните региони во Македонија.
Професорот Влатко Шешов, директор на скопскиот Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) објаснува дека земјотресите што се случија во нашето соседство, пред сѐ во Албанија, со магнитуда 6,4 на 34 км северозападно од Тирана, и во Босна и Херцеговина, со магнитуда 5,4 на 79 километри југозападно од Сараево, се дел од сеизмичката активност на поширокиот дел од Балканскиот Полуостров.
Тој вели дека треба да знаеме дека овој дел од Европа е сеизмички активен и појава на вакви земјотреси имало, има и ќе има.

– Најдобар начин да ги намалиме последиците од овие природни катастрофи е почитување на техничките закони и прописи, како во фаза на проектирање така и во фаза на изградба на сите градежни објекти, примена на современи сознанија од областа на земјотресното инженерство и едукација од најрана доба – вели Шешов.
Професорот истакнува дека ИЗИИС како водечка научна институција во нашата земја во оваа област активно учествува во овие процеси, а во согласност со членот 4а од Законот за градење, ИЗИИС е задолжен да подготвува мислења за проектиран и изведен степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата за сите градежни објекти во Македонија.

– Оваа „дополнителна“ контрола придонесе за подобрување на квалитетот на проектите, меѓутоа и подобра контрола во фазата на изведба на објектите. Во тој контекст може да истакнеме дека со подобрениот систем на контрола се придонесува кон побезбедни и посигурни градби во Македонија што ќе бидат отпорни на дејство на очекуваните земјотреси на ова подрачје – резимира професорот.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Хуманитарна помош за Албанија

Во меѓувреме, нашата држава вчера се приклучи во хуманитарната акција на меѓународната заедница за помош на зафатените од несреќите во соседна Албанија.
Најпрво, Владата на седница донесе одлука да се издвојат 6 милиони денари (97.560 евра) како првична финансиска поддршка за санирање на последиците од земјотресот во Албанија и упати тимови за спасување, составени од 30 стручни лица, кои ќе учествуваат во акциите за спасување и прва помош за граѓаните во настраданите подрачја.
Потоа, скопскиот градоначалник Петре Шилегов информира дека градот Скопје, како град на хуманитарноста, кон Драч ќе упати специјална екипа опремена со термални дронови за помош при пребарувањето преживеани под урнатините.

[email protected]