Супермоќниот носач на авиони „УСС Абрахам Линколн“, кој наскоро би требало да вплови во хрватските води, според експертите, е уште еден доказ за воено-стратегиското значење на регионот за интересите на САД, НАТО и на Европа

Во нашето соседство, односно во Хрватска, според најавите, треба наскоро да пристигне едно од најмоќните оружја на светот. Станува збор за супермодерниот американски носач на авиони „УСС Абрахам Линколн“.
Според пишувањата на медиумите, по барање на американската амбасада и со одобрение на хрватската влада, овој нуклеарен носач на авиони, во периодот од 8 до 11 мај, треба да вплови во Јадранско Море.

Во меѓувреме, „Би-би-си“ пренесува изјава од американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон, кој вели дека оваа нивна реакција во Медитеранот е одговор на многубројните загрижувачки предупредувања што пристигнуваат од Иран.
Според Болтон, поморската флота се наоѓа во водите за да возврати на секој непријателски напад со непопустлива сила.

– САД ги испраќаат носачот на авиони „Абрахам Линколн“ и единицата на воени авиони за да му пренесат јасна и гласна порака на иранскиот режим дека секој напад врз интересите на САД, или врз нашите сојузници, ќе се сретне со непопустлива сила. САД немаат желба да стапат во војна со Иран, но ние сме целосно подготвени да одговориме на секој напад – изјавил Болтон.

Од друга страна, пак, новинската агенција „Ројтерс“ во своја информација на оваа тема додава дека е можно американскиот носач на авиони „УСС Абрахам Линколн“ воопшто да не пристигне во Хрватска и тој во текот на наредните денови да се пренасочи кон Персискиот Залив, доколку во меѓувреме во наредниот период се зголемат американско-иранските тензии поврзани со нуклеарната програма на Техеран.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, коментирајќи ги актуелните случувања, оценува дека самото присуство на големата американска флота во регионот е демонстрирање на американската моќ кон сите оние што се противречат на волјата на Западот. Аналитичарот појаснува дека носачот на авиони во нашиот дел од светот впловил за да демонстрира моќ што е насочена надвор од Европа и првенствено се однесува кон Иран, бидејќи оваа земја на Блискиот Исток е оценета како закана на САД и се наоѓа од другата страна на Медитеранот. Стефаноски додава дека со овој чин, како и со големата воена вежба што наскоро треба да се одржи на воениот полигон Криволак, нашиот регион, и на копно и на море, и официјално станува воено-стратегиски битен за интересите на САД, НАТО и на Европа.
Инаку, „УСС Абрахам Линколн“ е од класата „Нимиц“ и е во служба од 1989 година. Долг 333 метри, широк 78 метри и висок 63 метри, односно колку зграда од 25 ката во градски блок.

Специјализираниот магазин „Џејнс дефенс“ во своја информација поврзана со американските носачи од класата „Нимиц“ пишува дека тие вредат околу 4,8 милијарди долари, а се опслужени со екипаж од над 5.000 морнари.
Магазинот додава дека овие бродови се движат со максимална брзина од 30 јазли, или 56 километри на час. Носачот на авиони со себе носи 1,36 милион тони гориво наменето за борбените авиони и хеликоптери, а тој за сопствените потреби произведува сопствена нуклеарна електрична енергија.

„УСС Абрахам Линколн“ би требало да биде петтиот носач на авиони што запловил во хрватските води. Хронолошки гледано наназад, според весникот „Слободна Далмација“, во декември 2015 година во хрватските води впловил бродот „УСС Хари С. Труман“, кој на себе, слично како сега „УСС Абрахам Линколн“, носел 85 авиони и 20 хеликоптери. Девет години претходно, во 2006 година, во хрватските национални води вплови „УСС ентерпрајз“. Претходно, пак, за време на поранешна Југославија, во водите на тогашната држава на хрватското крајбрежје впловиле „УСС Америка“ во мај 1979 и „УСС Сарагота“ во април 1976 година.

[email protected]