Информациите дека претставници на петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН во еден њујоршки хотел неофицијално преговарале за решавање на неколкуте актуелни светски политичко-безбедносни жаришта, меѓу кои и Балканот, предизвикаа внимание кај аналитичарите во регионот, кои сметаат дека нештата допрва би можеле да станат интересни

Се надминуваат ли проблематичните меѓународни ситуации зад затворени врати, каде што големите сили и главните светски играчи преку тајна дипломатија ги реализираат своите геостратешки интереси? На ваква дилема наведуваат неодамнешните пишувањата на светските медиуми, кои доаѓаат и од Истокот и од Западот и во чии текстови проникнуваат информации што велат дека петте земји постојани членки на Советот за безбедност на ОН (Кина, САД, Франција, Велика Британија, Русија) во њујоршки хотел неофицијално преговарале за решавање на неколкуте актуелни светски политичко-безбедносни жаришта, меѓу кои и Балканот.
Британската телевизија Скај њуз во интервју со тамошниот министер за надворешни работи Џереми Хант пренесува изјава во која се истакнува дека на состанокот со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, разговарал околу инцидентот во Солсбери.

Хант изјавил дека Москва имала големо влијание во светот и истакнал дека тие (Русите) треба да разберат дека со вакво однесување немало да има простор за државата на меѓународно поле.
Веднаш потоа руската новинска агенција „Сптуник“ во свој текст на оваа тема ја демантира изјавата на Хант притоа истакнувајќи дека станувало збор за средба меѓу двата министри во САД и таа не била официјална и на државничко ниво туку станувало збор за приватен разговор.

Белградскиот магазин „Србија данас“ во своја анализа на настанот информира дека неофицијалниот состанок се одвивал на ниво министри на надворешни работи, а на заедничка маса седнале генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, министрите за надворешни работи на САД Мајк Помпео, на Русија Сергеј Лавров, на Велика Британија, Џереми Хант, францускиот министер за Европа Жан-Ив Ле Дриан и Ванг Ји, првиот дипломат на Кина.

Магазинот истакнува дека најзастапените теми за кои било дискутирано се надминувањето на состојбата во Сирија поврзана со инцидентите со руските авиони, новите политички превирања поврзани со иранската нуклеарна програма и состојбите во светот со осврт на Балканот.

Во своја колумна на оваа тема новинарот Мирче Адамчевски пишува дека за ова средба имаше малку информации, а ако не беше интервјуто на Џереми Хант немаше да знаеме дека тој имал средба со Сергеј Лавров со „отворена размена на мислења“.
– Случајно или не извесно време пред да стигнат овие вести и деманти од руска страна беше твитнато дека на средбата со Гутереш биле разгледани прашањата за нераспространување и контрола врз вооружувањето, ситуацијата во Сирија, во Јемен, во Либија и на Балканот. Иако за Сирија, Јемен и Либија навистина има потреба да се разговара со оглед на вооружените дејства во тие држави, изненадува ставањето на дневен ред на Балканот – пишува Адамчевски.

Тој запрашува што се случува на Балканот па првите дипломати на големите сили седнале да разговараат за него?
Адамчевски во својата колумна наведува дека прво не се знае кој го наметнал или кој го вметнал Балканот на дневниот ред на оваа средба.
Новинарот во својот осврт наведува неколку можни теми за балканската дискусија кои, според него, ја земаат предвид ситуацијата во Македонија, изборите во Босна и Херцеговина закажани на 7 октомври, но и односите меѓу Србија и Косово.

Адамчевски прогнозира дека веројатно работите се стигнати до точка од која нема враќање и бара носење одлуки, болни, но кои ќе донесат мир или, пак, точка што може да значи постоење на замрзнат конфликт уште долги години.
– Што и да било зборувано во Њујорк тоа кажува дека работите на Балканот допрва ќе бидат интересни, а и неизвесни. Разговори на министрите за надворешни работи на суперсилите, на една маса, не е на арно. Но, за кого, допрва ќе дознаеме – пишува тој.