Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Организацијата на потрошувачи, изработи Прирачник за оператори со храна во предучилишни установи.

Во прирачникот, детално се разработени принципите и нормите на добра хигиенска и производна практика кои им помагаат на операторите со храна соодветно да ги подготват објектите, персоналот и процесот на работа за подготовка на квалитетна и здравствено безбедна храна за децата од предучилишните установи.

Прирачникот содржи информации и упатства кои се однесуваат на хигиената на објектот и персоналот, контролата на операциите, обуките, чистењето и одржувањето на просториите за храна, нејзиниот трансорт, како и за управувањето со записите.

Во него се наведени и сликовити примери кои се однесуваат на безбедноста на храната.

– Унапредувањето и подобрувањето на начинот на исхрана во предучилишните установи и развојот на здрави навики за исхрана кај децата се многу значајни прашања, па оттаму, во вториот дел од прирачникот содржани се насоките за исхрана на децата за време на престојот во градинките. Прирачникот содржи и практични совети за планирање на организираната исхрана и планирањето на оброците за децата – се наведува во соопштението на АХВ во кое се додава дека во прирачникот може да се најдат и голем број табели, во кои се објаснети дневните енергетски потреби на децата, препорачаниот дневен внес на хранливи материи, витамини и минерали, според возрасните групи на децата.