Насловната страна на весникот „Акрон дејли демократ“. Извор: Библиотека на американскиот конгрес

Во октомври 1901 година американскиот весник „Акрон дејли демократ“ (Akron Daily Democrat) информира дека Дикинсон, генералниот американски конзул во Константинопол (Истанбул), открил кој стои зад киднапирањето на Мис Стон. Според пишувањето на весникот, американскиот конзул тврдел дека зад киднапирањето стои Македонскиот комитет, како и дека одбил да го плати побараниот откуп за Мис Стон.

Статија од весник „Акрон дејли демократ“ кој се однесува за аферата Мис Стон

Елен Марија Стон, попозната како Мис Стон била американска протестантска мисионерка која во 1901 година патувала низ Македонија со придружба од петнаесетина луѓе. Била киднапирана од четириесетина комити на 3 септември 1901 година помеѓу Разлог и Горна Џумаја, во месноста Предел (Пиринска Македонија). Комитите ги ослободиле луѓето од придружбата, а ги заробиле само неа и нејзината придружничка Катерина Цилка.

Американскиот весник исто така соопштува дека доколку се потврди искажувањето на Дикинсон, тогаш турската влада ја има одговорноста за безбедноста и ослободувањето на Мис Стон. Според медиумот, постоеле одредени податоци кои говореле дека Македонскиот комитет има недостиг на финансиски средства и дека бил подготвен план за киднапирање на американски мисионер.

Јане Сандански

Пишувањата на американскиот весник се точни, доколку се земе во предвид дека како киднапери се посочуваат македонските револуционери. Меѓутоа, американскиот конзул мислел дека за киднапирањето стои Врховниот македонски комитет од Софија, кој бил предводен од Борис Сарафов. Всушност зад грабнувањето на американската мисионерка стоела Македонската револуционерна организација (МРО).

Планот за грабнувањето бил организирано од македонскиот револуционер Јане Сандански, а со акцијата бил запознаен и Гоце Делчев. Киднапирањето навистина било организирано поради финансиските средства, но на крајот со аферата Мис Стон светот се запознал со идејата за македонската борба за слобода.