Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) утре на е-влада ќе прикачи Предлог-правилник за контрола на спроведувањето на забраната за производство, увоз и ставање во промет на генетски модифицирана храна и прехранбени производи кои содржат ГМО.

Како што соопшти вечерва директорот на АХВ Зоран Атанасов во интервју за Телевизија 24, утврдени се два нови случаја на малверзации со меленото месо кое се продава како говедско, свинско или мешано, а содржи и пилешко, додека нови случаи со ГМО нема. 

Тој информира дека во тек е прекршочна постапка за операторите кои го продавале лажно декларираното месо. 

– Според законот, само доколку е загрозено здравјето на граѓаните тогаш треба да ги објавиме имињата на тие фирми, рече Атанасов. 

За чипирањето на домашните миленици, Атанасов рече дека се набавени 100 илјади чипови кои идната недела ќе бидат доделени на друштвата со кои имаат потпишано договор за бесплатна апликација. Чипирањето  треба да почне од 1 септември. 

– Друштвата кои имаат склучено договор со АХВ за да извршат бесплатно микрочипирање ќе бидат објавени на веб-страницата на Агенцијата со електронска пошта и со телефонски број за да можат  заинтересираните граѓани  да стапат во контакт. Ќе се наплаќа само издавањето на пасошот за домашното милениче и евентуално ако треба да се вакцинира против беснило или да се спроведе терапија за прочистување од ендопаразити, објасни Атанасов.