Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа беше во Неготино, каде протестираа незадоволни лозари. Заедно со градоначалникот на Општина Неготино Тони Делков, пратениците Даниела Колева и Панчо Минов, тие денеска ненајавено отидоа на протестот за да ги слушнат барањата на лозарите кои протестираа.

– Жал ми е што протестирате бидејќи вратите на Министерството за земјоделство се отворени да дојдете да разговараме. Но, еве сме тука, го имате целото наше внимание. Слободно кажете кои се проблемите. Ние како и секогаш, стоиме на располагање за решавање на сите проблеми на земјоделците, па и на лозарите – им се обрати министерот на присутните лозари, одговарајќи им нивните прашања.

Лозарите на протестот реагираа зошто не е почнат откупот на најзастапената винска сорта ,,вранец” иако грозјето ја има потребната шеќерност и зошто се доцни со објавата на цените за килограм грозје. Тие рекоа дека се одлучиле на протест поради ниските откупни цени на грозјето и игнорантскиот однос на винарии кои со овие цени ги демотивираат лозарите.

– Ние лозарите бараме само да ни се вреднува вложениот труд и да знаеме предвремено дали да вложуваме во лозарството или да го напуштиме. Ако останат ланските цени се гледа крајот на лозарството во нашиот крај – изјавија дел од присутните лозари на протестот.

По дискусијата со лозарите, договорено е протестот да прекине и до среда да им се одговори на нивните барања. Министерот Хоџа на присутните лозари им вети дека лично тој гарантира дека ќе се откупи целото произведено грозје. Тој ги извести дека поголем дел од поголемите винарски визби одредиле цени за грозје од оваа реколта.

Останува на сила и понатаму ставот на Министерството и на Владата дека остануваат дополнителните два денара за килограм, и дека се работи на тоа, тоа да важи за сите сорти и за висококвалитетни сорти на грозје.

Министерот Хоџа децидно изјави дека сигурно ќе имаме подобра гроздоберска година од ланската и од претходните.