Во периодот од 5 до 7 октомври во манастирскиот комплекс „Рождество на Пресвета Богородица“ во Калишта, ќе се одржи јубилејно заседание на највисокото црковно-управно и законодавно тело на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), Архиепископскиот црковно-народен собор (АЦНС).

Од канцеларијата на Архиепископскиот управен одбор на МПЦ-ОА соопштија дека на дневен ред на Архиепископскиот црковно-народен собор ќе бидат неколку измени во Уставот на МПЦ-ОА од административен карактер, разграничување на границите и бројот на епархиите, разгледување на состојбите и животот во епархиите, како и одредување на ставови по одредени прашања од внатрешен и надворешен карактер.

Соборот, како што се наведува, е составен од делегати од сите епархии на МПЦ-ОА, и во него членуваат архиепископот, надлежните, викарните и пензионираните архиереи, по две лица од клирот и три лица од верниот народ од секоја епархија, вклучително и дијаспората, игумените на манастирите „Свети Наум Охридски“ – Охрид и „Рождество на Пресвета Богородица“ – Калишта, претставник на монаштвото, Деканот на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ и Ректорот на Средното богословско училиште, старешината на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје,

Одржувањето на соборот е во годината кога Црквата и верниот народ во Република Македонија прославуваат 60 години од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, кога се одбележува 1000-годишнината од формирањето на Охридската архиепископија, кога ќе се чествуваат и 75 години од Свештеничкото заседание во с. Издеглавје и 1155 години од Моравската мисија на светите браќа од Солун, Кирил и Методиј.