Законските измени кои ги најавува Владата за видеонадзор и боди-камери за администрацијата ќе важат само за оние службеници кои вршат контрола и надзор односно кои имаат посебни овластувања, објасни владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес конференција.

Во врска со ова тој рече дека предлогот за поставување на видео надзор и боди-камери бил изнесен на вчерашната владина седница, како една од опциите и механизмите за превенирање од коруптивни дејствија и јакнење на транспарентноста при вршење на работните задачи и обврски во институциите и со цел да се регулира работата на службениците во ситуации кога е неопходно тие директно преку физички контакт да работат со граѓаните.

– Ова не се однесува на целата администрација, туку на пример за службениците кои вршат контрола, надзор и посебни овластувања особено во процесите кои што не можат да се дигитализираат и вклучуваат неопходно учество на човечкиот фактор. Секако, дека овој предлог во следниот период детално ќе се истражи и анализира од аспект на негова имплементација, опфатот на службениците, обезбедување на сигурноста и приватноста на граѓаните, како и техничките и законските можности – истакна Арсовски.

Додаде дека дигиталната трансформација на процесите е врвен приоритет на Владата, како клучен механизам за сузбивање на корупцијата, за брзи и ефикасни услуги кон граѓаните, како и за институции кои како што рече, треба да бидат во служба на граѓаните.

Овој предлог во иднина ќе го определи опфатот на службениците, но ќе води и сметка за сигурноста и приватноста, додека законските решенија со сите измени и дополнувања до крајот на август ќе бидат доставени до Собранието, објасни Арсовски.