ВМРО-ДПМНЕ ниту прифаќа, ниту пак ќе предложи потпретседател на Собранието, изјави портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ, Димче Арсовски.

– ВМРО-ДПМНЕ јавно се изјасни дека ниту прифаќа, ниту пак ќе предложи потпретседател на собранието. За ваквиот чекор кој што го правиме има две причини. Првата е дека има толку многу потпретседатели и економски е неоправдано затоа што се трошат парите на граѓаните, втората станува збор за позиција која што е измислена од страна на СДСМ и Зоран Заев само за да може да тргуваат со функции – рече тој.

Според Арсовски, ова е вештачка тема, креирана и наметната од страна на СДСМ и Заев изминатите неколку денови за да се зборува и да се одвлече вниманието во време кога, како што кажа, за само пет месеци 40.000 луѓе останале без работа.

– ВМРО-ДПМНЕ го советува на Заев наместо да зборува дали ќе се додава или ќе се одзема функција потпретседател во Собранието, тој да се обиде да не краде за да може да има повеќе пари за граѓаните – рече Арсовски.

Портпаролот, исто така, кажа дека ВМРО – ДПМНЕ утре ќе учествува на седницата за избор на новиот владин состав и дека ќе гласа против.

– Апсолутно ќе учествуваме и ќе гласаме против. Во таа дебата во која ќе учествуваме имаме илјадници, илјадници причини каде што ќе дебатираме за старо новите кадри, криминални кадри на СДСМ кои што се исполнети со криминални афери, со непотизам и со ред други афери и скандали кои што ги следеа изминатите неколку години. Така да оваа влада која што ја предложи Зоран Заев како старо нова влада на СДСМ е крајно криминална, корумпирана и со низа скандали – рече Арсовски.