Дваесет и шест години Армијата на Република Македонија ја обезбедува нашата држава, ја брани сигурноста на нашите граѓани, и помага секогаш кога тоа е потребно. АРМ е институција во која граѓаните имаат секогаш најголема доверба, тие се тука секогаш кога е тешко и им помагаат на граѓаните кога има проблем, а во светот секаде ни го обелуваат образот.

Ова денеска го изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска на Отворениот ден на АРМ за граѓаните по повод Денот на Армијата на Република Македонија – 18 Август.

– АРМ беше најголем тивок дипломат кој во позадина ја обезбеди нашата покана за членство во НАТО. И затоа денеска сме тука за да им оддадеме почит и признание на сите жени и мажи припадници на Армијата – од војници, подофицери и офицери, до највисоките старешини, генерали и началници, за сè она што го направиле за Македонија – изјави Шекеринска за медиумите на Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, каде што денеска се одржа Отворен ден за граѓаните по повод годишнината на АРМ.

Таа истакна дека Армијата постои за граѓаните и изрази задоволство што голем број граѓани го прифатиле повикот на АРМ да дојдат денеска на отворениот ден и да ја видат опремата, луѓето и вештините што ги имаат и да бидат сигурни во својата татковина.

Рече дека годинава како Министерство не се сконцетрирале само на прашањето за поканата за членството во НАТО.

– Армијата долго време е занемарена и заборавена и мора да се врати со конкретни чекори. Оваа година Владата обезбеди 15 проценти зголемување за вкупниот буџет за одбраната. Обезбедивме, по многу години, првпат зголемување на платите на сите припадници на АРМ за 10 отсто, и нешто што беше најавувано и никогаш нереализирано обезбедивме првпат исплата на јубилејната награда на сите оние кои над 15 години се во служба на Армијата, што години со ред не било исполнувано – рече Шекеринска.

Повтори и дека е обезбедно и враќање на исплатата на дежурства за сите припадници без исклучок на Армијата, како и средства во буџетот за набавка на униформи и чизми за сите припадници на Армијата.

Најави дека во тек се набавки на невоени возила и инженерски машини, кои, како што кажа, многу ќе го зголемат капацитетот на Армијата особено за поддршка на цивилните институции, а се очекува до крајот на следниот месец да се заврши и ремонтот на сите хеликоптери.

– Владата во стратешкиот одбранбен преглед зеде обврска секоја година да ги зголемува средствата за одбрана за 0,2 проценти и веќе планираниот буџет што е доставен до Министерството за финансии подразбира почеток на набавка на оклопни транспортери, како и следни чекори во делот на модернизацијата – рече министерката за одбрана, истакнувајќи дека следната година оклопните транспортери ќе бидат клучниот проект.

Најави и подобрување на компјутерскиот систем и неговата заштита, бидејќи, како што рече, не можете да бидете членка на НАТО, ако не ја гарантирате безбедноста на информациите.

Шекеринска рече и дека е распишан конкурс за полковник кој ќе биде испратен да биде највисоко позициониран во нашето воено претставништво во Брисел, и оти мисијата се засилува дополнително и со уште еден офицер и со дополнителни државни службеници кои ќе бидат советници во мисијата.

– Очекуваме дека во текот на оваа и следната година минимум од десет офицери и државни службеници ќе го засилат нашето присуство во Брисел и во Монс – рече таа.

По повод одбележувањето на Денот на Армијата на Република Македонија – 18 Август денеска на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје беше поставена изложба на борбени средства, техника и опрема на АРМ, збогатена со голем број активности на припадниците на Армијата.

Граѓаните го посетија тактичко-техничкиот збор, каде имаа можност покрај материјално-техничките средства, борбените возила и вооружувањето на АРМ, да се запознаат и со армискиот хеликоптер Ми-8/18.

Беа прикажани и борбени вештини на припадниците од баталјонот за специјални намени „Волци“ ,точката „Егзирцир“ на баталјонот за почести, прелетот на хеликоптерот Ми-8/18, приказот на обученост на службените кучиња на АРМ и изведбите од воениот оркестар.

Посетителите имаа можност да дегустираат војнички приготвен грав од припадниците на логистичката бригада и да проверат крвен притисок од страна на припадници на Воено-медицинскиот центар.

На Отворениот ден на АРМ и Канцеларијата на НАТО во Скопје имаше свој штанд, на кој граѓаните можеа да се информират што е НАТО.

Во рамки на одбележувањето на Денот на АРМ вчера во Министерството за одбрана се одржа централна свеченост на која говореа претседателот и врховен командант на оружените сили Ѓорге Иванов, министерката Шекеринска, а беа доделени одликувања, унапредувања, благодарници и награди за припадниците на АРМ.

На церемонијата беше извршено примопредавање на функцијата началник на Генералштаб на Армијата. Досегашниот Методија Величковски е заменет со генерал-мајор Васко Ѓурчиновски