Додека Македонија се стреми кон НАТО и ЕУ, постојано вложува во сајбер-одбраната, а Владата повикува на организиран фронт за борба против лажните вести, деновиве имаше контрадикторна ситуација, во која лице вработено во АРМ се сомничи дека е промотор на сајтови за лажни вести во кои се објавуваат расистички, невистинити и многу често незаконски копирани содржини за профит

Фразата „лажни вести“ стана средство со кое американскиот претседател Доналд Трамп, на пример, се брани од секоја непосакувана приказна, но во исто време и често употребуван израз со кој се опишуваат сите намерни дезинформации презентирани во форма на стандарден новинарски текст насекаде во светот, вклучувајќи и во Македонија, со која, токму по изборот на Трамп, почна дури и да се идентификува. Имено, деновиве е откриена македонска мрежа за лажни вести многу посериозна од велешката од времето на претседателските избори во САД, но, за разлика од тогашната „слава“ на тинејџерите од Велес, овој пат вниманието на јавноста го привлече извесен припадник на армијата на Република Македонија од Куманово. И додека Македонија се стреми кон НАТО и ЕУ, постојано вложува во сајбер-одбраната, а Владата повикува на организиран фронт за борба против лажните вести, деновиве имаше контрадикторна ситуација, во која лице вработено во армијата се сомничи дека е промотор на сајтови за лажни вести во кои се објавуваат расистички, невистинити и многу често незаконски копирани содржини за профит. Централната фигура во истражувањето на сервисот за откривање лажни вести „Њузчекерс“, на белгискиот ловец на лажни вести Мартен Шенк, е извесен кумановец вработен во АРМ.

Во контекст на оваа „модерна интернет-епидемија“, каде што балканските држави се најранливи на лажните вести и на феноменот на поствистина во Европа, а Македонија како земја што се стреми кон НАТО и ЕУ предничи на листите на земји каде што овој проблем е сериозен, побаравме објаснување од Министерството за одбрана и од Генералштабот на АРМ. На прашањето дали лицето што е споменувано по порталите е припадник на АРМ и што планираат да преземат во случајот, но и генерално за сузбивање на овој феномен, од Генералштабот на АРМ ни потврдија дека креаторот на лажни вести од Куманово, кој се споменува како централна фигура во истражување на холандскиот сервис за откривање лажни вести „Њузчекерс“, е вработен како професионален војник во АРМ.

– Лицето што се споменува во написите во медиумите е вработено како професионален војник во АРМ од јануари 2002 година – велат од АРМ.

Оттаму додаваат дека во моментов се спроведува соодветна постапка за утврдување на фактите што биле посочени од страна на медиумите и дека во наредните денови ќе бидат соопштени повеќе информации за случајот. За истите сознанија побаравме одговор и од Министерството за одбрана, но до затворањето на весникот не добивме информација како ќе постапи или постапува Министерството во вакви случаи.

А, како што вели безбедносниот експерт, поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, безбедноста на земјава, но и демократијата и владеењето на правото, може да се доведе на тенок мраз токму од меката моќ што ја поседуваат лажните вести. Според Трајанов, Македонија мора да изгради вистински механизам што итно ќе се справи со овој феномен, кој создава проблеми во светот, а особено во последно време и кај нас дома.

– Независно кој каде е вработен и што е по функција, секој како граѓанин има право да поставува, споделува и пренесува информации на социјалните мрежи. Меѓутоа проблемот е дали тој со споделувањето на овие информации шири невистинити и лажни вести преку социјалните мрежи. Дали тоа е во функција на некоја политичка партија, туѓа идеологија или е за намена на некоја странска служба? Треба да се испита за што дејствувал точно. Клучен проблем е што во Македонија функционираат такви мрежи што се хранат со информации од странство за некои цели, а не можат да се откријат и згаснат лесно и брзо. Државата, за жал, сѐ уште не поседува доволно добри институции што ќе треба да се справуваат со проблемот, со кој се нанесуваат големи штети во општеството, а можеби еден ден и во одбраната. Сепак, убеден сум дека со нашето приближување кон ЕУ и НАТО овој феномен дома ќе наиде на поостар одговор од државата и институциите и дека ваквите индивидуалци што објавуваат расистички, невистинити и многу често незаконски копирани содржини за профит ќе бидат санкционирани – вели Трајанов.

Инаку, војникот од Куманово, како што вели белгискиот програмер Мартен Шенк, кој го направи истражувањето, стои зад мрежа од сајтови за лажни вести што допреле до милиони луѓе, најмногу во Америка, а кои изобилуваат со говор на омраза за мигранти и муслимани. Заедно со семејството и пријателите, тој ги ширел лажните вести преку Фејсбук и Твитер, дел отворено, дел со лажни профили. Пред да биде објавено истражувањето, Шенк исконтактирал со кумановскиот војник и добил одговор дека „сите во Македонија секако го прават тоа “. Профилот на вработениот во АРМ што е објавен на белгискиот сервис за откривање лажни вести веќе не постои на Фејсбук, а неговиот профил на Твитер нема ниту твитови ниту следбеници.