Фото: Игор Бансколиев

Државниот врв е со неподелено мислење дека буџетот на АРМ треба да биде зголемен во согласност со стандардите на воената структура кон која тежнее земјава

Добро опремена армија е еден од главните гаранти за безбедност на Македонија во време на глобални тензии поврзани со граѓански немири и тероризам, но и еден од главните предуслови таа ефикасно да ги изоди последните чекори кон членството во НАТО.
Токму опремувањето на македонската војска е тесно поврзано со финансиите со кои располага државата. Сепак, државниот врв е со неподелено мислење дека буџетот на АРМ треба да биде зголемен во согласност со стандардите на воената структура кон која тежнее земјава. И додека, во расчекор помеѓу можностите и желбите, се прават анализи за тоа колкава и како опремена армија ѝ е потребна на Македонија, британскиот Интернационален институт за стратегиски студии (ИИСС) објави преглед на распоредот на воените сили во најголем дел од земјите од регионот, каде што, според сумираните податоци, нашата земја се наоѓа некаде на средината од листата по висината на буџетот за одбрана и по бројноста на армијата.

Според објавеното, Србија има најголема, а Црна Гора најмала војска во регионот, додека пак Хрватска може да се пофали со тоа дека, разбирливо како членка на НАТО, има највисок воен буџет од рангираните балкански земји. Инаку, во прегледот не се вклучени трите малку постари членки на НАТО, Словенија, Бугарија и Грција.

Во таквата поставеност на работите, нашата држава со голема доза сериозност пристапува кон прашањето за модернизација на војската, за што постојат и редица државни стратегии што ја обработуваат темата.

Тука може да се вбројат развојниот концепт на Министерството за одбрана, кој носи наслов „Идни вооружени сили 2028“ (ИВС), „Стратегискиот одбранбен преглед“ (СОП), кој се публикува и надградува секоја година, „Стратегијата за национална безбедност за интеграција во евроатлантските структури “ и „Долгорочниот план за развој 2019-2028“ (ДПР). Натаму, освен домашните стратегии, нашата држава процесот за модернизација на армијата го дефинира и со користење неколку меѓународни документи за оваа намена, како што се програмата на „Партнерството за мир“ (ПзМ), „Процесот за планирање и преглед на силите“ (ПАРП), „Акцискиот план за членство во НАТО“ (МАП) и „Европската безбедносна и одбранбена политика“ (ЕБОП).

Според познавачите на случувањата, доколку се анализираат сите овие обемни домашни и странски документи, ќе се стигне до средишна линија што покажува дека македонската војска е солидно опремена. Но армијата располага со оружје и воена опрема што во најголем дел се застарени и во иднина треба да бидат надградени и заменети со нова софистицирана воена технологија.

Истите извори брифираат дека предимство за модернизација и набавка на оружје во идниот период ќе имаат оклопните транспортери и пешадиските борбени возила, а дури потоа ќе се пристапи кон набавка на тактички комуникациски систем, инженерски машини и опрема, опрема за сајбер-одбрана, орудија за посредна огнена поддршка, индивидуална и колективна опрема за атомско-биолошко-хемиска одбрана и балистичка заштита, опрема за извидување, разузнавање, набљудување и определување цели…

Добро упатените соговорници брифираат и дека набавките за потребите на армијата со сигурност ќе се вршат според националното законодавство за овој вид набавки, но и според строгите стандарди на НАТО, кои велат дека оружјата и опремата единствено ќе се купуваат само од одбранбените индустрии на државите сојузнички во Алијансата.


Четири борбени авиони и 12 борбени хеликоптери

Военото воздухопловство и противвоздушната одбрана на АРМ поседуваат четири борбени авиони „су-25“ (од Украина), 6 школски авиони „злин-242Л“, 12 борбени хеликоптери „ми-24В/К“, 4 борбено-транспортни хеликоптери „ми-8МТ“, три транспортни хеликоптери „ми-17“ и два повеќенаменски хеликоптери „УХ-1Х хјуи“.
Единиците за противвоздушна одбрана се опремени со мобилни системи за противвоздушна одбрана „стрела-10М“, преносни системи за противвоздушна одбрана „игла-1“ и „стрела-2М“, како и со противавионски топови со калибар од 20 мм и 40 мм.


Од југословенски до американски пушки

Во моментов стандардно пешадиско вооружување на АРМ се југословенските верзии на автоматската пушка „калашников“ – од пушката „М70АБ2“ до лесниот митралез „М-84“. Стандардни во единиците на АРМ се и снајперската пушка „М-76“ и автоматскиот пиштол „М-61 скорпион“, а од југословенско производство се и орудијата за поддршка – минофрлачите и противтенковските орудија. Традицијата продолжува и со српската снајперска пушка „М-93 црна стрела“, како и другото пешадиско оружје на АРМ. Одредени единици на АРМ се вооружени и со американски јуришни карабини „М-4“, пократка верзија на пушката „М-16“, а на располагање имаат и германски автоматски пушки „Г-3“ и „Г-33“, автомати „хеклер и кох“, „МП-5“ и митралези „МГ-3“ и британски, германски и фински снајперски пушки. Од западно производство се комуникациските системи, беспилотните летала и најголемиот дел од електронските системи на АРМ.


Повеќе од 300 борбени возила

Копнената војска на АРМ денес поседува повеќе од 300 борбени возила: повеќе од 20 тенка „Т-55“ и „Т-72“, 11 борбени возила на пешадијата „БМП-2“, повеќе од 200 оклопни транспортери „ТМ-170 хермелин“, „БТР-70“, „БТР-80“, „М-113“ и „леонидас“. АРМ располага и со 126 камиони од „ДАФ“ и околу 150 американски камиони „М-35“.
Армиската артилерија може да се пофали со фактот дека поседува повеќецевни ракетно-лансирни системи „БМ-21 град“ (122 мм) и „М-63 пламен“ (128 мм), 108 хаубици „Д-30“ (122 мм), 36 хаубици „М101А1“ (105 мм), ридски топови „Б-1“ (76 мм), бесповлечни топови „М-60“ (82 мм) и минофрлачи со калибар 60 мм, 82 мм и 120 мм.