Апелацискиот суд во Скопје денеска го укина куќниот притвор за Миле Јанакиески, обвинет во неколку предмети на поранешното Специјално јавно обвинителство, соопшти Кривичниот суд.

– Апелациониот суд Скопје до Основниот кривичен суд Скопје на 18.11.2021 година достави решение … со кое второстепениот суд, постапувајќи по жалбата изјавена од одбраната на М.Ј., обвинет во предметите … „Т.Н.Т.“, „Титаник“, „Талир“, „Топлик“, „Траекторија“ и „Шпански скали“, ја уважи жалбата за укинување на мерката куќен притвор – се наведува во соопштението.

Според решението на Апелациониот суд, на обвинетиот му се определуваат мерки за претпазливост, односно: забрана за напуштање на територијата на Македонија и Град Скопје, обврска обвинетиот да се јавува во судот и забрана за издавање на друга патна исправа.