Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) ќе испитува дали има судир на интереси во врска со постапувањето на министерката за финансии Нина Ангеловска со средствата кои ги имала во Еуростанандард банка, пред таа да биде ставена во стечај. Предметот е отворен на иницијатива на ДКСК со цел да се расчисти случајот кој предизвика реакции во јавноста, како што објавува МИА.

Од ДКСК велат дека не станува збор за кривично дело, туку за неетичко постапување доколку министерката имала информации за пропаѓањето на банката, што допрва треба да се утврдува. Проблем би било, појаснуваат од Антикорупциска, доколку Ангеловска имала таква информација и таа понатаму ја ширела до други лица за да ги повлечат парите.

ДКСК моментно е во фаза на собирање податоци од Народна банка и од Министерството за финансии за да се утврди дали министерката имала информации оти банката ќе биде затворена, па затоа ги повлекла нејзините пари или пак сосема слободно располагала со нив, што е право на секој што има средства во банка.

Министерката за финансии Ангеловска вчера ги демантираше информациите кои се пласираа во дел од медиумите во врска со повлекување на нејзините средства од Еуростандард банка, нагласувајќи дека не е точна ниту сумата која се наведува во написите. Таа посочи дека целосно неточна е информацијата дека нејзините средства ги префрлила во други банки, или дека ги повлекла.