Антикорупциската комисија на денешната седница донесе одлука да отвори два предмета поврзани со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. ДКСК ќе испитува како тој се стекнал со земјиште од 33.000 метри квадратни и како добил концесија за изградба на хидроцентрали додека бил директор на ЕЛЕМ и советник на експремиерот Никола Груевски.

Предметите се отвораат по допрен глас, односно по прес-конференција на СДСМ, на која партискиот портпарол Костадин Костадинов ја прозва ДКСК да ја испита сопственоста на хидроцентралата во која, како што рече, свој удел имаат Христијан Мицкоски и членот на Извршниот комитет на ВМРО‐ДПМНЕ, Димитар Димовски, поранешен функционер во Министерството за транспорт и врски.