На дневен ред на седница на Антикорупциската се два предмети поврзани со вицепремиерот Кочо Анѓушев – едната поврзана со владина одлука за намалување на царина за литиумски батерии за акумулатори, а втората во врска со градежното земјиште што по пат на непосредна спогодба го добила фирма поврзана со Анѓушев за изградба на хидроцентралата „Тополки“.

По долготрајна дебата меѓу членовите во комисијата, со четири гласа „за“ и два „против“ комисијата го отвори предметот за владината одлука за намалување на царина за литиумски батерии за акумулатори, а со оваа дејност се занимава единствено фирма поврзана со вицепремиерот.

Анѓушев, според антикорупционерите не се иззел од вториот дел од постапката и присуствувал на владина седница каде што била усвоена одлуката.

Антикорупционерите се согласија дека во случајов постои судир на интереси и ќе побараат од Владата и од премиерот Зоран Заев да утврдуват одговорност поради наводно прикривање приватни интереси од страна на Анѓушев.

Антикорупциска го затвори предметот „Тополки“ (отворен во мај годинава), откако утврди дека Анѓушев го пријавил својот интерес и се иззел од сите седници на Владата на кои се расправало за концесиите, нивното доделување и роковите. Антикорупциска, сепак, побара од Владата да се преиспита влијанието на малите хидроцентрали врз животната средина во националниот парк Маврово, согласно препораките од Европската Унија.

Во „Тополки“, еден од сопствениците е Кочо Анѓушев преку фирмата „Феро инвест“, а неговиот брат Тодор Анѓушев е управител. Оваа фирма има добиено градежно земјиште по пат на непосредна спогодба во Дреново за изградба на хидроцентралата.

Анѓушев тогаш реагираше дека договорот за концесија е добиен и потпишан во мај 2015 година и добивањето на земјиштето е во иста постапка како и за сите електрани што се изградени во државата во последните 10 години. Тој рече дека сите постапки се започнати во 2015 година, во време кога не бил член на владата, ниту пак знаел дека некогаш ќе биде, па никако и не можел да изврши влијание.


Предметот против Мицкоски за хидроцентралите затворен по кратка постапка

По кратка постапка, за само пет минути, Антикорупциската комисија го затвори предметот против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој се однесуваше на добивање концесија за изградба на хидроцентрали додека бил директор на ЕЛЕМ и советник на поранешниот премиер Никола Груевски.

Антикорупционерите утврдија дека во случајот не постои судир на интереси бидејќи кога бил распишан тендерот, Мицкоски не извршувал никаква функција, па така предметот беше експресно затворен и архивиран.

– Наводите во јавноста и медиумите околу средствата и финансирањето на неговите компании се неточни. Тој дојде во ДКСК и имавме многу конструктивно интервју. Во април 2015 тој е избран за советник на тогашниот премиер Никола Груевски. Во моментот кога се распишува тендерот тој не извршува никаква функција – рече Катица Николовска, членка на ДКСК.

Предметите за Мицкоски беа отворени по допрен глас, односно по прес-конференција на СДСМ, на која беше повикана Антикорупциска комисија да ја испита сопственоста на хидроцентралата во која Мицкоски имал удел како сопственик на фирмата „Енерготек ДОО Скопје“.