Фото: Архива

Точен број на пациенти што се резистентни на антибиотиците во земјава не е утврден, зашто, според микробиолозите, се штеди на проби и материјали, но се претпоставува дека три-четири проценти од населението секојдневно користат антибиотици, при што половина од нив ги купуваат на своја рака, без рецепт, додека преку аптеките се трошат околу 1,8 милион рецепти за антибиотици. Фондот за здравство, пак, одвојува околу 4,9 милиони евра годишно за антибиотици

Околу 200-300 соеви бактерии отпорни на антибиотици се регистрираат во здравствените установи низ земјава на годишно ниво, бидејќи, според Фондот за здравство, три-четири проценти од населението секојдневно користат антибиотици, при што половина од нив ги купуваат на своја рака, без рецепт, додека преку аптеките се трошат околу 1,8 милион рецепти за антибиотици. Сепак, точен број на пациенти што се резистентни на антибиотиците не е утврден зашто, според микробиолозите, се штеди на проби и материјали.
На ниво на ЕУ, на пример, околу 33.000 луѓе годишно умираат поради неможност да се излечат од инфекција со отпорни бактерии, што е нешто повеќе од оние што умираат во сообраќајни несреќи.

Македонија, како што објаснуваат експертите, спаѓа во регион во кој потрошувачката на антибиотици во последните 30 години била исклучително висока поради воспоставената практика при речиси секое одење на лекар да се добива антибиотик, па дури и за најобична настинка.
Овој проблем станува особено актуелен во зимскиот период, кога се зачестени заболувањата какви што се разни видови грип, инфекции и настинки, пред сѐ кај децата. Поради тоа, исклучително е добро да се знае оти не секоја состојба на затнат нос, кашлица и кивавица бара третман со антибиотици.

– Во периодот на зимските месеци се застапени вирусни инфекции, ринофарингитис, тонозилофарингитис (крајници со грклан), отитис (воспаление на средното уво), како и на синусите. Тука се појавуваат и ларингитис и конјунктивитис, а важно е да се напомене дека 90 проценти од тие инфекции се вирусни, бидејќи кога правиме брис, најчесто тој е негативен. Кај децата што посетуваат градинки и училишта може да се појави позитивен резултат на стафилокока, која најчесто не бара лекување – вели докторката Светлана Смугроска, педијатарка и специјалистка по семејна медицина.
Според неа, матичните лекари многу често пропишуваат антибиотици, а самите граѓани најчесто и си ги купуваат во аптеките, што во случај на вирусна инфекција е контраиндикација.

– Лекувањето треба да е симптоматско, затоа што вирусите не се лекуваат со антибиотици. Порано истите тие се лекуваа со чај, прегорен шеќер, масажи… Постарите дури ниту „парацетамолот“ не им го даваа толку често на децата. На тој начин се лекуваат во скандинавските земји, додека кај нас за секоја состојба се зема антибиотик – вели д-р Смугроска.
Според неа, најважна е едукацијата на родителите. Тие треба да се свесни за штетните последици од користењето антибиотици.

– Во градинките најчесто кај оние дечиња што посетуваат јасли, односно децата во најмалите групи, бидејќи се лигават а допираат исти играчки, се случува да се појават стрептокока пневмонија или стрептокока пиогенес група А. Доколку на сето тоа направиме и стреп-тест, во тој случај на тие дечиња треба да им се пропишат антибиотици. Она што е многу важно е антибиотикот да се пропишува соодветно за состојбата, да се дозира соодветно на килограмите на детето, како и да се даде во доволен временски период, околу десет дена. Доколку и во тој случај лекувањето не се одвива соодветно, тогаш треба да се посети секундарно и терцијално здравство, односно детската болница „Козле“ или Детската клиника. Доколку детето еднаш веќе било хоспитализирано и пиело антибиотик и тој не помогнал, во тој случај нема ниту да помогне. Постојаното давање антибиотици нема воопшто да помогне – вели докторката.
Инаку, Фондот за здравство годишно одвојува околу 4,9 милиони евра за антибиотици.