Во руската, германската и француската амбасада не сакаа да ја коментираат одлуката за избор на советници во кабинетот на Заев, додека експертската јавност предупредува дека страдаме од колективна амнезија

И додека во јавноста не стивнуваат реакциите во врска со изборот на Џезаир Шаќири (командант Хоџа) за советник на премиерот Заев за безбедност и борба против радикализмот, дипломатите, освен Американците, не сакаат да коментираат одлуки на македонската извршна власт. Тaков одговор добивме од неколку амбасади, кога од нив побаравме став околу изборот на специјалните советници во кабинетот на премиерот Зоран Заев, со акцент на изборот на Шаќири. По барањето од „Нова Македонија“ единствено одговорија во американската амбасада од каде што изразија загриженост за ваквата одлука. Ваквиот нивен став и е очекуван, со оглед на тоа дека Шаќири е на црната листа на САД, односно е на листата на санкционирани личности од Балканот на тамошното Министерство за финансии, чија важност Трамп ја продолжи лани.

– Ги соопштуваме нашите грижи до Владата каде што гледаме проблеми со назначените функционери. Американските службеници не се спречени да се справат со поединци што се на листата за забрана за влез во државата од Агенцијата за контрола на надворешни елементи – рекоа во амбасадата на САД во Македонија.
Оттаму нагласија дека оваа листа е важна алатка што се користи во блокирањето на надворешните елементи и наметнува патни забрани за да ги оствари целите во американската надворешна политика и национална безбедност.

Во руската амбасада не сакаат да ја коментираат одлуката за избор на советници.
– Изборот на функционери во извршната власт е внатрешна работа на Република Македонија. Амбасадата на Руската Федерација нема практика да коментира одлуки од ваков тип – рекоа оттаму.
Истиот одговор и образложение го дадоа и во амбасадата на Франција во Македонија. Не сакаа да коментираат ниту во германската амбасада.

Шаќири е вториот советник на Заев по Љубе Бошкоски, кој се наоѓа на црната листа на САД. Заев, образложувајќи ја одлуката за неговиот избор, рече дека тој можел многу да помогне ако се појавеле одредени екстремистички или радикални групи на територијата каде што живее и го познава теренот, а можел многу да помогне и во градењето на концептот „едно општество за сите“. Тој рече дека командант Хоџа чесно ќе си го заработувал лебот бидејќи издржувал многудетно семејство. За Бошкоски, пак, кој е избран за позицијата советник за странски инвестиции, во Владата рекоа дека бил единствениот што ги исполнувал условите на конкурсот.

Шаќири на својот профил на Фејсбук напиша дека откако Заев победил на последните парламентарни избори, имал со него политички договор, тој да го ослободи Танушевци, а за возврат да добие владина функција, блиску до него, како гаранција за неговата безбедност.

– Фактички Заев направи математика да ме приближи до себе и да нема проблеми. Јас не сум направил со Заев договор за гласови и очекувам овој договор премиерот да го испочитува – напиша Шаќири.

Неговиот избор за советник предизвика многу реакции во јавноста. Професорката Билјана Ванковска на својот фејсбук-профил напиша дека реакциите дури и се задоцнети.

– Нов модел за решавање на невработеноста и за преживување: му ослободиш на Заев некој дел од територија и ете ти функција. Да не е трагично би умрела од смеа – напиша Ванковска.

Таа смета дека реакциите за Хоџа сепак се многу задоцнети.
– Знаеме ли ние дека командант Форина беше министер за одбрана? Заборавивме ли дека дел од бившите борци на УЧК се во АРМ, па дури и еден од обвинетите за „Мавровските работници“, кој беше амнестиран во 2011-та? Па, сега се подготвува Фатмир Бесими за гувернер на Народна банка, човек што како министер за одбрана (иако без претходно војничко искуство во УЧК) со армиска придружба оддаваше почит на паднатите борци пред некоја година? Мислам дека си страдаме од колективна амнезија па повремено ќе изреагираме, ама сето тоа ми е како претсмртен потег. Тажно и мачно, без ефекти врз состојбата. Сите се исти! Кога ова ќе го сфатиме, можеби ќе тргнеме во подобра насока. Но се плашам дека е доцна – напиша Ванковска на својот профил на Фејсбук.