Амбасадата на САД во Република Македонија на својата веб страница објави соопштение во кое им порачува на американските државјани да ги избегнуваат местата каде што се можни собири на граѓани во пресрет на неделниот референдум, особено пред Собранието и плоштадот „Македонија“.

– Различни групи имаат намера да демонстрираат против претстојниот референдум за Преспанскиот договор за името меѓу Македонија и Грција, што ќе се одржи в недела на 30 септемвври. Спонтани ненајавени протести можат да се случат и на други локации во Скопје и други делови од земјата во овој период. На персоналот на американската Влада му се советува да ги избегнува местата каде што се можни демонстрации, се наведува во соопштението од Американската амбасада.

На американските граѓани им се советува да ги избегнуваат местата каде се можни протести, да го следат известувањето на локалните медиуми, да избегнуваат собири и демонстрации. Како места и термини кога особено треба да бидат внимателни се посочени 27 септември во 19 часот пред Собранието на РМ и 30 септември во 19 часот пред Парламентот и централниот плоштад во Скопје.