Излезните цени на нашите производи, особено на лековите, дезинфициенсите, медицинскиот алкохол, антисептиците и другите средства со антибактериско дејство се дистрибуираат во согласност со ценовниците што важат од 1 февруари 2020 година и ќе останат исти, истакнуваат од „Алкалоид“

Направивме реорганизација на сите процеси за да ги задоволиме барањата на македонскиот пазар за лекови, дезинфициенси, медицински алкохол, антисептици и други средства со антибактериско дејство, соопштува компанијата „Алкалоид АД Скопје“. Оттаму истакнуваат дека овие денови работат со максимална искористеност на своите производствени капацитети и човечки ресурси што им се на располагање.
– Во моментов, поради големата побарувачка на дел од горенаведените производи и предизвиците со кои се соочуваме при набавка и транспорт на суровини и амбалажа од увоз, можно е да се јави застој во некој сегмент, но во никој случај нема да се дозволи прекин во снабдувањето на кој било од споменатите производи – истакнуваат од „Алкалоид“.

Од компанијата истакнуваат дека во согласност со вонредните услови на функционирање во „Алкалоид АД Скопје“ и отсуство на над 150 вработени што се ослободени од работа поради тоа што припаѓаат на ризичните групи, приоритет во снабдувањето со средства за дезинфекција и хигиена им е даден на болниците, здравствените домови и институциите што функционираат во кризни услови. Доставата до веледрогериите односно аптеките и дистрибутерите или на синџирите маркети можно е во овој период да се одвива со мал застој, но додаваат дека тоа е првенствено поради неумерените набавки од страна на домаќинствата и се очекува тоа наскоро да биде надминато.

– Водени од начелата за корпоративна општествена одговорност, како и хуманата програмско-производствена определба насочена пред сѐ кон крајните корисници, „Алкалоид АД Скопје“ цврсто ќе остане на одлуката да не ги зголеми цените на ниту еден производ од кој било сегмент на своето производство, независно од зголемувањето на цените на влезните суровини, логистичките и ресурсните предизвици со кои се соочуваме. Излезните цени на нашите производи, особено на лековите, дезинфициенсите, медицинскиот алкохол, антисептиците и другите средства со антибактериско дејство се дистрибуираат во согласност со ценовниците што важат од 1 февруари 2020 година и ќе останат исти – истакнуваат од „Алкалоид“.

Од компанијата апелираат до целата јавност да се следат и најодговорно да се почитуваат препораките на Министерството за здравство преку нивните официјални канали на комуникација http://zdravstvo.gov.mk/korona-virus/ за да не се креира непотребна паника.
– Во оваа пригода, би сакале да им упатиме голема благодарност и желби за добро здравје на сите здравствени работници во земјава и на сите македонски граѓани, затоа што ЗДРАВЈЕТО Е ПРЕД СЀ! – порачуваат од „Алкалоид АД Скопје“.