Тетовскиот универзитет му ја додели титулата почесен доктор на науки на претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Тој рече дека оваа титула му ја посветува на Абдилселам Емини по повод 26-годишнината од неговото жртвување за овој универзитет.

– Јас денес не подготвив говор за досегашните случувања затоа што сметав дека е подобро да ги потсетам сите овие луѓе, што всушност сториле за образованието на албански јазик. Дами и господа, од овде се обврзувам пред вас, пред сите Албанци, дека ќе продолжам неуморно во воспоставувањето, унапредувањето на албанското образование, во зголемувањето на квалитетот на образованието на албански јазик, во зголемувањето на вредностите и инфраструктурата на универзитетите, во нивно опремување затоа што живееме во еден натпреварувачки век и денеска само со силна конкуренција можеме да чекориме напред – рече Ахмети.

Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, денешниот чин го оцени како правилна одлука. Груби исто така вели дека Ахмети целиот свој живот работел посветено на нацијата и еднаквоста, на демократијата и интеграцијата, на образованието и развојот, на правата и достоинството.

– Првиот вицепремиер им честита на ректорот, Сенатот, академскиот кадар, студентите и на сите оние што се жртвуваа со децении за подигање на храмот на знаењето, за чествувањето на г. Али Ахмети со заслужената титула доктор хонорис кауза затоа што со честа кон него тие прават чест за сите други заслужни личности – соопштија од Кабинетот на Груби.