Од Алијансата за Албанците велат дека се изненадени од брзината на разрешување на организациониот директор на Универзитетската клиника за гинекологија, со образложение за нарушување на меѓучовечките односи. Според партијата, причината можеби и е вистина, но логично и праведно би било да бидат разрешени и двајцата директори.

А од друга страна, велат од Алијансата за Албанците, поднесената тужба против медицинскиот директор на Клиниката ќе треба да биде обработена и да добие судски епилог.

– Продолжува тонењето на здравството во хаосот што трае повеќе од 20 години со старите проблеми, но со нови скандали, кои директно или индиректно влијаат врз квалитетот на здравствените услуги и врз заемната доверба. Владата и авторите на оваа здравствена политика не може да ја најдат формулата за да се излезе од овој ќор-сокак, каде што една од причините е недостигот на конкретни идеи и тимска работа, но најважно и пред сè, во оваа група продолжуваат да учествуваат лица што служеа во времето на режимот ВМРО-ДУИ – велат од партијата.