Албанското министерство за одбрана ја овласти агенцијата на НАТО, НСПА (NATO Support and Procurement Agency), за изработка на план за базата Кучова според стандардите на НАТО. Таа база ќе биде најголема и најсовремена во регионот на Балканот. Па, според тоа, во пакет со кампот Бондстил, кој е најголемата американска воена база изградена по Виетнамската војна каде било во светот, а по некои параметри се смета за најголема американска база во Европа, во нашето соседство би ги имале најголемата пешадиска и авиобаза, што по сите показатели би требало да претставува дополнителна сигурност во контекст на новите безбедносни предизвици за кои политичарите на големите сили за регионов сѐ уште жестоко дебатираат

Додека македонската јавност е преокупирана со добивањето на поканата за членство на земјава во НАТО, како и размислувањата за авансот на Македонија што го вложи за членството во Северноатлантската алијанса и придобивките од таквиот статус, во соседна Албанија се активира спроведувањето на една голема, исклучително војнички и безбедносно (и економски) значајна стратегиска инвестиција на Алијансата. Имено, Врховната команда на сојузничките сили на Европа (Supreme Headquarters Allied Powers Europe – SHAPE) соопшти дека НАТО ќе инвестира 51 милион евра во обновување на воздухопловна база во Албанија, во местото Кучова. Командата на НАТО планира токму таа воена воздухопловна база во Албанија да биде прва (по сите критериуми) возудхопловна база на Северноатлантскиот сојуз на Западен Балкан. Така, Кучова се подготвува да биде сериозен регионален воздухопловен центар на НАТО, од каде што би се контролирал и обезбедувал воздушниот простор над Балканот, вклучувајќи го и македонското небо. Секако, откога ќе се реализира НАТО-инвестицијата, односно откако нашата земја ќе стане полноправна членка на Алијансата. Можеби е само временско совпаѓање, но индикативно е што конечната одлука за активирање на оваа инвестиција на НАТО во Албанија се случува во периодот кога албанскиот парламент го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО. Процесот всушност се динамизира од крајот на јануари, откако командантот на американските воздухопловни сили во Европа и Африка, генералот Тод Волтерс, ја посети Албанија, за да присуствува на спроведувањето на пакетот инвестиции што НАТО ги има предвидено за аеродромот Кучова во наредните пет години.

Станува збор за исклучително амбициозен проект, за кој албанската министерка за одбрана Олта Џачка рекла дека е од големо значење за безбедноста на Албанија и на целиот регион. Албанското министерство за одбрана веќе ја овластило агенцијата на НАТО, НСПА (NATO Support and Procurement Agency), за изработка на план за базата Кучова според стандардите на НАТО. Тоа подразбира сериозни зафати за обнова на пистата за полетување и слетување, пистата за наведување и зафати за проширување на капацитетите за складирање. Не попусто американскиот генерал Волтерс, поранешен директор за операции на заедничките сили во Вашингтон, истакнал дека базата ќе претставува голема придобивка за НАТО. Тој во своите коментари за анализите на воздушните бази и небото над Балканот коментира дека кога се работи за надгледување и контрола на потенцијалните борбени позиции, Кучова има единствени карактеристики: огромна постојна инфраструктура и одлична позиција, како во Албанија, така и на Западен Балкан. Според Волтерс, базата во Кучова ќе биде приспособена да ги опслужува авионите на НАТО и што подинамично треба да бидат подобрени условите со обновата.

Инвестицијата на НАТО била извонредно примена и од албанскиот премиер Еди Рама Тој на социјалните мрежи дури јавно се пофалил дека Северноатлантскиот сојуз ја одобрил својата одлука во Албанија да ја изгради својата прва воздухопловна база што ќе служи за поддршка при обезбедување на воздушниот превоз и логистика, како и поддршка во контролата на воздушниот простор. Што се однесува до базата Кучова, тоа ќе биде обновлива инвестиција на НАТО. Во моментов таму има главно запуштена инфраструктура. Има главна писта за полетување и слетување со должина од 2.850 метри и резервна тесна писта, со должина од 2.500 метри, која започнува од блискиот подземен тунел за заштита на авионите. Има 40 посебно распоредени бетонски воздухопловни столбови, кои сѐ уште се наоѓаат на своето место. Воздухопловната база Кучова се наоѓа околу 60 километри јужно од Тирана, близу градот Берат во јужна Албанија.

Старата воздухопловна база Кучова била започната со изградба во 1952 година, а е завршена на почетокот од 1955 г. Во ерата на владеењето на Енвер Хоџа била дом на млазните борбени авиони на Военото воздухопловство на Албанија, а тоа останала и во посткомунистичката Албанија, сѐ до 1997 година, кога разгневениот народ ја зазел базата и тогаш претрпела оштетувања на инфраструктурата, како и на воздухопловите што се наоѓале таму. Некакви минимални инвестиции од албанската влада се вложени во периодот од 2002 до 2004 година, кога Кучова добила нова контролна кула, осветлување и маневарски површини, а иницијативата и подготовката за можна адаптација во комерцијален аеродром никогаш не станале стварност. Во секој случај, наскоро во регионов ќе добиеме и најсовремена, модерна и најоперативна воздухопловна база, која ќе го контролира и опсервира небото над Балканот, кое паѓа под чадорот на Северноатлантската алијанса, а во пакет со најголемата база Бондстил на Косово би требало да претставува дополнителна сигурност во контекст на новите безбедносни предизвици за кои политичарите на големите сили за регионов жестоко дебатираат.