Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, заедно со Јасмина Ѓоргиева, координаторката на Секторот за дисеминација и односи со јавноста во Државниот завод за статистика (ДЗС) денеска остварија средба со претставници на повеќе етнички заедници во Северна Македонија на која разговараа и се информираа за претстојниот попис.

На средбата, на која присуствуваа претставници на заедницата на Египќаните, Црногорците, Ерменците, Русите, Унгарците и Словенците во нашата земја, се отворија повеќе прашања во врска со процесот на попишувањето, кој во прва фаза веќе започна за дипломатите и нивните семејства во конзуларните претставништва, за граѓаните од дијаспората и лицата коишто се во служба на Армијата на РСМ во државата или странство, лицата што се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови, како и бездомните лица.

– Присутните учесници на денешната средба се согласија дека е од исклучителна важност статистичката операцијата Попис на населението, домаќинствата и становите да биде успешно спроведена, притоа информирајќи се за одделни прашања поврзани конкретно со процедурата на попишувањето, за прашањата кои ќе бидат опфатени со Пописот – соопштија од Кабинетот на Алаѓозовски.

На средбата било заклучено дека за успешноста на пописот неопходно е учество на сите граѓани, кои согласно своето лично убедување и надлежност ќе помогнат и ќе учествуваат при градењето на општество кое почива врз принципите на меѓусебно почитување и толеранција, внатрешна кохезија, како и создавање политики за подинамичен економски раст и подобар живот за сите граѓани без исклучок.