При посетата на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на Атина, во рамки на Делфи Економик Форумот, тој оствари билатерална средба со неговиот грчки колега, министерот за животна средина и енергија на Република Грција, Костас Скрекас.

Една од главните теми за разговор беше алармантното ниво на водите во Преспанското Езеро за што беше договорена посебна трилатерална тематска средба на високо ниво помеѓу Албанија, Грција и Македонија, односно отпочнување на работата на Преспа Парк комитетот во средината на јуни. Номинираните лица од трите земји во работните групи на техничко ниво до тогаш ќе ги обезбедат потребните податоци за нивно разменување и анализа на планираната средба, информираат од кабинетот на Нуредини.

Покрај Преспанското Езеро, било разговарано и за подобро заедничко управување со водите на Дојранското Езеро и унапредување на користењето на водите за земјоделските потреби, како и планираните заеднички проекти за реката Вардар.

На средбата биле отворени клучните прашања од областа на животната средина од заеднички интерес, при што двајцата министри се заложиле за посебна поддршка на општините во прекуграничниот регион за ефикасно искористување на прекуграничните ЕУ програми при аплицирање со конкретни заеднички проекти.

Грчкиот Министер изразил подготвеност за поддршка во подготовката и хармонизацијата на нашето законодавство со барањата на ЕУ, како и остварување на заеднички проекти во областа на управувањето на отпадот и примена на принципот на циркуларност.