Грчката црква отвори нов пат кон автокефалноста на МПЦ

Според познавачите на состојбите во православието, грчките владици со признавањето на правото на Вселенската патријаршија да одобрува и да им доделува автокефалност на нови православни цркви отворија нов пат во православието. Тоа е пат во согласност со каноните, за признавање на Украинската православна црква, но уште поважно за нас е дека сега Вселенската патријаршија може спокојно да го продолжи процесот за нашата црква и официјално да ги отвори разговорите за нејзино признавање

Синодот на Грчката православна црква отвори пат за признавање на автокефалната црква во Украина, признавајќи ѝ го правото на Вселенската патријаршија да им одобрува и да им доделува автокефалност на нови православни цркви. Таквата одлука донесена пред два дена од Синодот на Грчката црква (ГПЦ) индиректно ѝ оди во полза и на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, особено што таа ѝ отвора пат на Вселенската патријаршија да го продолжи процесот за признавање на македонската автокефалност.

Иако формалната одлука дали ГПЦ ќе ја признае Украинската автокефална црква и на кој начин ќе го направи тоа ќе биде донесена во октомври, на Соборот на сите архијереи на ГПЦ, сепак, според познавачите на состојбите во православието, оваа постапка на грчките владици го трасира патот за признавање на Украинската православна црква, а со тоа и на Вселенската патријаршија да може спокојно да го продолжи процесот за нашата црква и официјално да ги отвори разговорите за нејзино признавање. Застанувањето на ГПЦ на страната на Вселенската патријаршија е силен сигнал за патријархот Вартоломеј, бидејќи тој чекор остава отворена врата и за преостанатите цркви од грчкиот блок да го почнат процесот за признавање на Украинската црква.

Грчките владици ги разгледале извештаите на две црковни комисии, онаа за догматски и канонски работи и на Комисијата за меѓухристијански односи, кои имале задача да ја испитаат автокефалноста на Православната црква во Украина, обезбедена од Вселенската патријаршија. Мислењето на двете комисии е позитивно, имајќи предвид дека не постојат канонски и догматски пречки за признавање на автокефалноста на Православната црква и дека Цариградската патријаршија го има приматот низ традицијата да го одобри автокефалниот статус на православните цркви.

– Откако ги слушна извештаите на Синодската комисија за догматски и канонски работи и на Комисијата за меѓухристијански односи за украинскиот проблем, Синодот го признава канонското право на Вселенската патријаршија да одобри автокефалност, како и ексклузивното право на одлука на поглаварот на Грчката црква за понатамошно поместување на прашањето за признавање на црквата во Украина – стои во соопштението на грчкиот синод.

Верските аналитичари велат дека одлуката на грчкиот синод била очекувана и дека таа е од исклучително значење за текот на настаните поврзани со признавањето на Украинската православна црква од другите православни цркви. Аналитичарот Бранко Ѓорѓевски вели дека ова е една од клучните, пресвртни одлуки што ќе имаат големи последици по односите меѓу православните цркви.

– Со оваа одлука на ГПЦ многу се зајакнува позицијата на вселенскиот патријарх. Тој веќе не е осамен во својата позиција во однос на правото на УПЦ да биде автокефална црква. Влијателната Грчка православна црква му го одобри тоа право и тој веќе не е сам во своите аргументи, односно не е сам на обвинителната клупа на која го ставија Руската и Српската православна црква дека ги прекршил православните канони. Сега е интересно како ќе се определуваат и другите поглавари што се етнички Грци. Јасно е дека ГПЦ ја поддржува ВП во овој поглед и дека ја поддржува во намерата да биде прва меѓу еднаквите, а не еднаква со сите (според принципот на консензус што се заговараше). Тоа и натаму ќе биде јадро на судири, бидејќи СПЦ се противи на тоа.

Вартоломеј добро ја знае таа позиција на СПЦ и знае дека не може да смета на нив. Поради тоа се надевам дека ВП ќе продолжи да ги решава отворените проблеми и рани меѓу православните цркви и дека ние ќе дојдеме на ред за тоа – објаснува Ѓорѓевски.
На почетокот на месецот во српските медиуми излезе информацијата дека патријархот Вартоломеј следниот период ќе испрати делегација за разговор со српските владици. Оваа вест доби потврда и од Српската православна црква, како и дека логично би било на тие состаноци да се разговара и за статусот на МПЦ. Верските аналитичари оценуваат дека оваа есен може да се очекува некакво придвижување на работите за прашањето за МПЦ-ОА и дека Вселенската патријаршија најверојатно прво ќе се обиде да разговара со СПЦ за да го стави на маса прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА.