Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поттикнати од зачестените алармирања за критичното езерско ниво и сведоштвата на локалните жители, „Нова Македонија“ деновиве престојуваше на местото на настанот, за директно од теренот и на самото место да се обиде да истражи и да одговори на прашањето каде се губи водата. За овие, но и за другите аспекти што го засегаат преспанскиот крај, низ директни сведоштва на месното население и изјави на официјални претставници читајте, во следните неколку продолженија

Циклична појава, човечки фактор или, пак, нешто трето ги празни водите на Преспанско Езеро, чие ниво изминатите денови континуирано опаѓа, а глетката од мртва езерска флора и фауна само ја зголемува загриженоста меѓу Преспанци, но и другите граѓани и љубители на природата, дека нешто чудно се случува со езерото.
Поттикнати од зачестените алармирања за критичното езерско ниво и сведоштвата на локалните жители, „Нова Македонија“ деновиве престојуваше на местото на настанот, за директно од теренот и на самото место да се обиде да истражи и да одговори на прашањето каде се губи водата. За овие, но и другите аспекти што го засегаат преспанскиот крај ќе пишуваме во неколку продолженија.

Преспа – еден поинаков свет

Само што го искачивме превојот Ѓавато, се зададе прекрасна глетка на чиста и недопрена природа, распосланото Преспанско поле и езерото, кое уште оддалеку можеше да се забележи дека станува сè помало и помало.
Местото каде што израснале многу генерации, кое останало врежано во генетскиот код на Преспанци каде и да се раштркале по светот, исчезнува пред нивните очи, а тие, освен да го кренат својот глас, не можат ништо друго да направат.
– Да пишувате за езерото. Го празнат од Албанија и од Грција, а државата ништо не презема. Како можеше да се спаси Дојранско Езеро, нека го спасат и Преспанско, за сè има решение, но потребна е волја – нè дочекаа со овие зборови група локални жители во Подмочани, кои во нашата екипа како да видоа некакви спасители на езерото.

Крајбрежјето е поместено од два до три километра, а некаде и повеќе
Фото: Маја Јаневска-Илиева
Секој Преспанец со своја приказна зошто се празни езерото, но сите со заедничка грижа
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од нивните зборови, сеќавањата што ни ги раскажуваа, печалбарските судбини, можеше да се сфати колку овие обични луѓе се поврзани со езерото и колку тоа им значи ним, а неговото умирање го доживуваат како умирање на некој близок.
– Секое утро кога ќе погледнам од балконот, езерото е сè подалеку и подалеку. Солзите сами ми навираат на очите – вели Сузана Н., која пораснала јадејќи од преспанските јаболка, сладејќи се со крупните цреши и разладувајќи се во езерските води.
И секој со своја приказна зошто се празни езерото, но сите со заедничка грижа, дека ако го снема Преспанско Езеро, ќе исчезне и животот покрај оваа природна убавина, ќе ги снема преспанското јаболко, црешата, крапот, пчелите и уште многу други ендемични видови што живеат само тука, а ќе остане само песочна пустина, која драстично ќе ја промени климата.
Од Подмочани се упативме кон Наколец и Долно Дупени, за да се увериме колку навистина се повлекло езерото.
– Во педесеттите години од минатиот век плажите беа веднаш под селото и тука имаше мерна скала за нивото на водата, а сега езерото побегна надолу. Просторот е обраснат со дрвја, а почнаа да се симнуваат и мечки – вели Евдокија Стефановска од Наколец.
Таа раскажува за минатите времиња и за тоа колку вода имало во езерото, но дека потоа секоја година нивото полека опаѓало.
Слична беше состојбата и од Долно Дупени до самиот граничен премин Маркова нога, каде што трската сè повеќе останува на суво, па дел од локалното население и ја пали, предизвикувајќи дополнителна еколошка штета.

Каде што некогаш беше езеро, сега се овоштарници

Она што можевме да го забележиме на територијата на цела Долна Преспа, односно јужната страна на езерото, е големото поместување на крајбрежната линија, во некои делови последниве две години и до 50 метри, а ако се земе предвид највисокото ниво што ја имало езерото откако се мери, тогаш крајбрежјето е поместено од два до три километра, а некаде и повеќе. На тој простор сега има овоштарници.

– Почнувајќи од 1987 година, нивото на водата во континуитет се намалува, при што максималното спуштање е регистрирано во период 2007-2008 година и изнесува 493 см (842,75 м) под нулата на водомерната летва. Во периодот од 1951-та до 1963-та нивото на водата осцилира релативно високо (околу 850 м). По 1975 година нивото на водата првпат се намалува драстично. Следува постепено и континуирано намалување на нивото на водата во езерото – појаснува Ајман Ал малла, раководител на Сектор за животната средина во општината Ресен.
Според него, причините за намалувањето на нивото на езерото треба да се бараат во климатските промени и намалените количества врнежи, човечкиот фактор преку потребата за наводнување на земјоделските површини, како и во истекот на водите од Преспанско во Охридско Езеро, под карстот на Галичица.
Она што го утврди нашата екипа на терен во реонот на Долна Преспа е речиси незначителното слевање на води од околните планини, пред сѐ од Баба Планина, во езерскиот басен.
– Има многу вода што доаѓа од планината Баба, но таа поради неисчистени канали не завршува во езерото, туку се губи наоколу. Тие води треба да се зафатат, да се канализираат и да се доведат до езерото. Така го спасија Дојранско Езеро, може да го спасат и Преспанско – вели локална жителка.

Поведени од нејзиното тврдење, се обидовме да пронајдеме вакви сливови од планината кон езерото, но освен Брајчинска Река, која за овој период од годината беше со релативно мало ниво, не успеавме да забележиме некоја друга поголема вода што би се упатувала кон Преспанско Езеро.
– Ние ги алармиравме сите институции, постојано сме во контакт со Министерството за животна средина и со другите фактори тука… Она што го знаеме е дека Преспанско Езеро нема надворешни дотеци на вода, туку се снабдува од подводни извори и затоа постојат и јаки струи отсекогаш. Проблем е што нашево езеро е повисоко од Охридско, а научно е докажано, преку некои испитувања што се правеле пред 15-20 години, дека најголеми понори каде што бега водата се од албанската страна на езерото. Затоа сакаме да направиме нови истражувања, за да утврдиме каде бега водата – вели за „Нова Македонија“ Живко Гошаревски, градоначалник на општината Ресен, на чија територија се наоѓа Преспанско Езеро.

Според него, повлекувањето на езерото е природен процес, а најголемо повлекување на водите имало кон крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години на минатиот век.
– Кога се повлече тогаш езерото, веднаш излегоа стари населби на одредени локации, што е доказ дека нивото на езерото варирало… Според некои кажувања на постарите, езерото 40 години се повлекувало, 40 се враќало. Во 2007 година надојде доста вода и езерото се стабилизира како резултат на повеќе врнежи. Во 2019 година, како резултат на големата суша, имавме алармантно повлекување на езерото – истакна Гошаревски.
Тој додава дека ситуацијата не е толку страшна, но дека би било добро да се направат некои истражувања на понорите за да се утврди дали тие под одредени тектонски влијанија се проширени, ако се има предвид фактот дека станува збор за трусно подрачје, на кое изминатите триесетина години имаше и неколку поголеми земјотреси.

Евдокија Стефановска од Наколец ја покажува мерната скала за нивото на водата

(Продолжува)