Споредбената анализа на Агенцијата за електронски комуникации за тоа дали новите технологии го зголемуваат нејонизирачкото зрачење, според најновите мерења извршени кај 149 градинки, покажала дека вредностите на нејонизирачкото зрачење се многупати помали од дозволените

Нема простор за загриженост за штетност од зрачењето на новите технологии во електронските комуникации, како и од идната примена на 5Г-технологијата, порача вчера директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) Сашо Димитријоски, откога во јавноста беа изнесени стравувања за штетноста на оваа технологија по човечкото здравје.

Споредбената анализа на АЕК за тоа дали новите технологии го зголемуваат нејонизирачкото зрачење, според најновите мерења извршени кај 149 градинки, покажала дека вредностите на нејонизирачкото зрачење се многупати помали од дозволените гранични вредности од претходниот период. Нејонизирачкото зрачење е намалено на повеќе мерни точки.

– Анализите покажуваат дека сме далеку под границите што се светски параметар за зрачењето. Во медиумите може да прочитате разни вести дека 5Г-технологијата е забранета поради штетноста итн. Сѐ тоа се шпекулации и апсолутно нема основа граѓаните да се грижат од таквите нови технологии – изјави Димитријоски.

Во агенцијата во последниот период добиле многу барања да вршат мерења на разни подрачја во државата за да детектираат која е штетноста од зрачењата, а шпекулациите, како што вели, придонеле кај граѓаните да се создаде несигурност дури и за постојните базни станици.

– Постојано се бара да се дислоцираат и слично, што дополнително прави проблем кај операторите. Значи отпорот сега е многу поголем во имплементирањето на новата технологија и базните станици. За примената на 5Г ќе треба да се зголеми бројот на базни станици за десет до 100 пати повеќе од постојниот и тогаш веќе ќе се судриме со реални проблеми на отпор. Сакаме да покажеме дека зрачењата се далеку под рамките на дозволеното – истакна Димитријоски.

Телекомуникацискиот оператор „Македонски телеком“ неодамна во центарот на главниот град изврши тестирање на 5Г, на фреквенции што ги побара од АЕК за привремено користење. „Телеком“ постави предавател и тогаш можеа да се видат само брзините, а за реална имплементација, според Димитријоски, ќе мора да се почека. Како што најави, до крајот на следната година АЕК ќе ги објави тендерите за 5Г-спектрите и потоа останува на операторите кога ќе бидат подготвени да го применат сето тоа.

АЕК веќе врши мерења на сите базни станици на електронските оператори во државата и со проектот, кој ќе трае до крајот на следната година, ќе се види од секоја точка на секој предавател на операторите колкави се зрачењата и споредбено во рамките на дозволеното.

– Новите технологии не можеме да ги спречиме, можеме само да ја олесниме нивната примена и на некој начин да им укажеме на граѓаните со видливи и мерливи резултати што значи таа нова технологија и дали и колку таа влијае на човековото здравје – објасни првиот човек на АЕК.

Мерењата за параметрите и квалитетот на јавните комуникациски мрежи што беа презентирани на јавната расправа покажуваат дека операторите имаат солидни резултати во покривање со мрежата на територијата на целата држава и оти квалитетот на услугите и брзината за пренос на податоци се зголемени.
Квалитетот на говорот е оценет како солиден, односно „А1 Македонија“ добила оценка 3,91, а „Македонски телеком“ 3,89.

Минималната брзина за пренос на податоци од страна на АЕК е дефинирана да изнесува 20 мегабити по секунда. Мерењата кај „А1 Македонија“ покажале брзина од 46,295 мегабити во секунда, а кај „Македонски телеком“ од 57,7 мегабити во секунда. Тоа, велат од АЕК, се екстремно големи брзини за пренос на податоци, што значи дека како држава имаме можности да имаме квалитетни услуги со големи брзини по лице достапни во секој момент.

Пропишаната минимална брзина за пренос на податоци на патиштата, изнесува 10 мегабити, а мерењата покажале дека „А1 Македонија“ има 34,7 мегабити по секунда, а „Телеком“ 36,6 мегабити по секунда.

Раководството на АЕК тврди дека драстично се намалил бројот на поплаки од граѓаните, претежно по основа на роаминг, а и натаму има поплаки за пречекорени сметки.

– Цените се на многу ниско ниво и претпоставуваме дека понатаму конкуренцијата нема да доведе до некое драстично намалување на цените, но сакаме да поттикнеме подобрување на квалитетот на услугата – изјави Димитријоски.