Фото: Архива

Матичните лекари бараат од Фондот да направи промени во софтверот и студентите да ги доставуваат потврдите во септември или октомври, зашто администрацијата на факултетите во летниот период користи годишни одмори и не може да им се издаде документ со кој се докажува дека тие сѐ уште студираат

Иако имаат право на здравствено осигурување, многу студенти налето ако се разболат или имаат потреба од какви било лекарски интервенции мораат да плаќаат приватно. Главна причина се административните бариери, кои се на штета на студентите. Фондот за здравствено осигурување ги отстранува од системот со редовно здравствено осигурување поради ненавремено доставување на потврдата дека се редовни студенти. Матичните лекари бараат од Фондот да направи промени во софтверот и студентите да ги доставуваат потврдите во септември или октомври, зашто администрацијата на факултетите во летниот период користи годишни одмори и не може да им се издаде документ со кој се докажува дека тие сѐ уште студираат.

Д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари во државата, вели дека за овој проблем веќе реагирале до Фондот за здравствено осигурување, но на терен сѐ уште се случува да лоцираат студент без здравствено осигурување. Вели дека проблемот е едноставен за решавање.
– Проблемот го изнесовме пред Фондот, да го решат и потврдите да се доставуваат во октомври во тековната година – вели д-р Дервишова.
Од Фондот велат дека студентите се осигуруваат преку еден од родителите. Оние што не го продолжуваат своето школување, а истовремено и не се вработени, здравственото осигурување го добиваат од Фондот, откако ќе се пријават и ќе ја достават потребната документација.

– Студентите остануваат без здравствено осигурување само ако не доставиле потврда за запишан семестар најдоцна до март, односно за зимскиот семестар до декември. Фондот има и договор со факултетите по електронски пат да се достават потврдите за редовно школување, но понекогаш се случуваат пропусти и компјутерски да не е ажурирано некое студентско досие. Сите факултети што навремено ги имаат доставено податоците за студентите (имаат прикачено електронска датотека) што запишале соодветен семестар или, пак, студентите сами донеле потврда за редовен студент продолжено им е здравственото осигурување како членови во здравствено осигурување преку еден од родителите – посочуваат од Фондот.

Оттаму додаваат дека се ретки случаите кога студенти остануваат без здравствено осигурување, но се случуваат во летниот период и тогаш се комплицирани за решавање, зашто администрацијата на факултетите е на одмор и студентите немаат како да ја обезбедат потребната потврда.

Инаку, високообразовните институции со кои Фондот има склучено договор за размена на податоци за редовни студенти доставуваат ажурирани податоци за редовни студенти на веб-порталот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.
Порано потврдата за редовно школување студентите требаше да ја заверат на студентски прашања, а потоа да ја достават на шалтерите во подрачните служби на ФЗОМ. Со овој проект беше предвидено редовните студенти веќе да не губат време по шалтерите за студентски прашања на своите факултети, ниту пак имаат потреба да чекаат ред на шалтерите на подрачната служба на Фондот.

Придобивките од овој проект се тоа што нема административни формалности и трошоци, а кај студентите има континуитет во здравственото осигурување, што е основен предуслов за остварување некои права од здравственото осигурување, како и заштеда на време потребно за обезбедување на потврдата.

[email protected]