Министерот за образование и наука, Арбер Адеми на прес-конференција ги презентираше промените што се очекува да се одвиваат на полето на основното образование од септември годинава.

Како што информираат од ресорното министерство, на вчерашната владина седница беа усвоени двете законски решенија, односно предлог-законот за основно образование и предлог-законот за професионален и кариерен развој на наставниците и стручните соработници, па сега, според министерот Адеми, на потег е Собранието.

-Очекувам, во интерес на времето час поскоро да започне расправата и по целосно исцрпување на дискусијата по евентуални дилеми, законите да бидат усвоени и да стапат на сила со стартот на новата учебна година- рече Адеми додавајќи дека станува збор за две законски решенија кои содржат одредби согласно европските позитивни практики и искуства и надополнуваат нешто што кај нас недостасувало.

Законот за основното образование се фокусира на подобрување на квалитетот на наставата и воопшто на воспитно образовниот процес, на јакнење на темелните уставни вредности во образованието, обезбедувајќи нови и повеќе можности за учениците со фокус на учениците со посебни образовни потреби.

Ставен е фокус на ученичкото организирање, на елиминација на политичките влијанија во училиштата, како и обезбедување повеќе можности за наставничкиот и стручен персонал во училиштата.

Од друга страна, законот за наставниците и стручните соработници треба да обезбеди поголема мотивација за работа и за постигнување повисоки резултати.