Министерот за образование, Арбер Адеми, изјави дека се разгледува и дискутира за тоа дали ќе се спроведе државната матура оваа година, за средношколците ширум државата. Според него, сите опции се во игра, од пролонгирање до откажување на матурата.

Разгледувањето на прашањето за државната матура следува откако средношколци покренаа петиција за целосно откажување на државната матура.

– На повеќе наврати сме истакнале дека ја следиме ситуацијата и околностите, како и состојбата со која се соочуваме. Сите опции се на маса. Во повеќе наврати ова прашање е дискутирано и на седница на Владата, но и во главниот координативен кризен штаб. Нема простор за грижа, бидејќи секоја наша одлука, која ќе ја донесеме, ќе биде во насока на најдобриот интерес на нашите ученици. Никој нема да биде оштетен. Треба да се направат дополнителни анализи со сите предизвици кои се соочуваат и прашањето на државната матура. Се дискутира и сите опции се на маса, како опцијата за пролонгирање на државната матура, но и опцијата за укинување на државната матура. Водејќи се од интересите на нашите ученици, ќе одлучиме – рече Адеми.

Онлајн петицијата досега ја потпишале над 7.500 лица. Со неа се наведува дека се бара целосно откажување на матурата поради вонредната состојба и коронавирусот.