Тони Менкиновски, адвокат на Јордан Камчев, по завршување на расправата во судот и одредување на 30-дневниот притвор на неговиот клиент, посочи дека нема докази дека тој ќе избегал.

Менкиновски го претстави Камчев како деловен човек кој во време на пандемија се грижи за здравјето на луѓето и инвестира, а државата му одредува притвор. Адвокатот образложи дека обвинителката Лиле Стефанова која побара притвор, не може да биде обвинител бидејќи против нејзе има кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување поради тоа што, како што кажа, земала поголема плата и според решение е обвинител во Радовиш, без мандат.

– Има информации дека се подготвува за бегство, тоа треба да го докаже Обвинителството. Нема евидентен доказ дека господин Камчев ќе ја напушти Македонија. Напротив инвестира во ова време на пандемија, во отворање на нови одделенија, вработување на нови доктори, има деловни потфати во Македонија за јавно здравје и здравјето на луѓето, а имате одлука на нашиот суд за 30-дневен притвор. Не ни беа презентирани документите од АНБ, судијата не ни го даде решението туку даде записничарката. Најверојатно му беше срам да не погледне во очи. Ние ќе го штитиме до крај господинот Камчев. Самиот судија е контрадикторен во решението, нема да го учам јас на занает. Тој требаше да ги укине другите мерки и да определи притвор, а тој напиша само дека го уважува предлогот. Решението е донесено врз база на ‘ќе’, ‘ќе избега’, а треба да имате докази – рече адвокатот Тони Менкиновски.

Тој објасни дека на Камчев, лицата кои го приведувале му кажале дека тој е лишен од слобода поради „изборни измами“, а кога стигнале во судот, им кажале сосема друго.

– Ова е садизам. Судските одлуки се почитуваат, но не значи дека не треба да се толкуваат. Јордан Камчев беше утринава лишен од слобода поради кривично дело изборна измама. А сега, сосема поинакво образложение, од страна на ОЈО-ГОК, на обвинител од Радовиш, кој побара Јордан Камчев поради некаква индиција на БНБ, да му се определи мерка притвор. Сите мерки, во овој предмет кој трае надвор од законскиот рок за истрага, повеќе од 30 месеци без обвинение, сите мерки се исполнети. Се работи за права и слободи и нивно флагрантно кршење од страна на политички актери на дневно-политички цели. Ова е срамота, двата пасоша се во овој суд, мерки за обезбедување од страна на капиталот на господинот Камчев, кој вработува 3.000 луѓе се изречени, истрагата не е завршена, тој сеуште е осомничен – а само по некоја дојава тој доби 30-дневен притвор. Многу ми е жал, но јас се надевам дека за многу брзо дека оваа мерка ќе биде санкционирана од страна на Европскиот суд за човекови права. Не се образложува во образложението која е причината, ниту се даваат објаснувања зошто Камчев треба да оди во притвор – додаде Менкиновски.