Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информираат дека преку Системот за брзо предупредување за храна на ЕУ досега имаат добиено три нотификации за увоз на небезбеден сусам по потекло од Индија, во кој е утврдено присуство на резидуум од пестицид – етилен оксид.

Од Агенцијата додаваат дека во моментот е постапено по две од тие известувања, а за третото од јануари годинава постапката е во тек.

– По приемот на првата нотификација во септември минатата година (23.9.2020), инспекциските служби на Агенцијата презедоа мерки и беше извршена вонредна инспекциска контрола кај увозникот. Небезбедниот производ во количина од 280 килограми е повлечен од промет и безбедно поништен на депонијата ‘Дрисла’. Во вториот случај од 6 ноември минатата година направена е контрола во магацините на увозникот на сусам и утврдено е дека небезбедните лотови од производот, наведени во нотификацијата, не се најдени во магацините – стои во соопштението на Агенцијата.

Од АХВ уверуваат дека ја следат состојбата и спроведуваат континуирани контроли, а доколку се јави потреба, навремено реагираат во согласност со законските надлежности.