Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер посветено работи на реализација на обврските и задачите кои произлегуваат од нејзините законски надлежности. Во изминатиот двомесечен период, приоритетот во работењето на Агенцијата беше ставен на решавањето на заостанатите пренесени предмети од 2018 и 2019 година, како резултат на нефунционирањето на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, која поради неекипираност не можеше полноправно да одлучува. Постапено е и одлучено по повеќе од 750 жалби, а од одделни баратели, односно иматели на информации (жалители), Агенцијата повратно е известена дека е постапено по решенијата и бараните информации се доставени до барателот.

Агенцијата согласно своите законски надлежности ги евидентира, но и обработува пристигнатите годишни извештаи, кои имателите на информации имаат обврска да ги достават до Агенцијата до 31 јануари во тековната година за минатата 2019 година. Паралелно со обработката и анализата на податоците содржани во годишните извештаи, тече и подготовката на збирен извештај за имплементацијата на Законот, кој Агенцијата е должна да го подготви и достави до Собранието, до крајот на март.

Агенцијата работи и на ажурирање на Листата на иматели на информации, кои согласно новиот Закон се иматели на информации и како такви се должни да определат службено лице, како и и да достават адресни, контактни и други потребни податоци.

Истовремено, Агенцијата работи и на подготовка на подзаконските акти, кои согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е должна да ги донесе, а пред се на Упатството за начинот на спроведување на Законот.