Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски и директорот на Агенцијата за иселеништво Никола Шалваринов потпишаа Меморандум за соработка.

Со тоа, како што соопшти АППТ, се потврди желбата за поактивен пристап на двете институции на полето на туризмот.

– Меморандумот за соработка значи интензивирање на соработката, но и збогатување на промоцијата на земјата преку проекти кои се во интерес на иселениците од Македонија. Воедно означува почеток на зголемувањето на посетите од иселениците и нивни препораки за посета на Македонија од други потенцијални туристи ширум светот, информира АППТ.

Инволвираноста на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот  е во насока на зголемување на информираноста за туризмот пред иселениците за време на нивниот престој, како и пред нивното доаѓање во Македонија. Промоцијата на туристичките потенцијали ќе се реализира пред иселениците, во средините во кои живеат, но и целокупно нивно поголемо инволвирање во развојот на македонскиот туризам.

Соработка на овие две инситутции ќе има и при одржување средби во организација на иселенички организации или културни манифестации, креирање нзаеднички проекти, промоции и настани на иселеници и иселенички организации.

АППТ ќе биде значаен елемент и во Стретегијата за иселеници, со цел забрзување на развојот и туристичката индустрија на Македонија.