Деновиве, како резултат на истражувачко новинарство, на јавноста и беа предочени информации за истовремен ангажман на две лица и како активно вработени новинари во телевизии, и како советници на премиерот Зоран Заев, посочуваат од Агенцијата за аудио и аудиовозуелни медиумски услуги (АВМУ).

Имајќи ги предвид овие сознанија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги реагира дека улогата на медиумите е да бидат критичари и коректори на власта, и во тој контекст, неопходно е при ангажманот на кадарот, да водат сметка дека треба да обезбедат самостојност, независност и одговорност на уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика.

-Ова е важен предуслов за (меѓу другото) известувањето да биде објективно и непристрасно со еднаков третман на различните гледишта така што јавноста ќе може самостојно да гради мислење за општествените случувања и настани.Во време кога земјава прави напори за зголемување на професионалноста на медиумите и слободата на информирање, ваквиот двоен ангажман може да претставува пречка за поставување професионална дистанца при информирањето на јавноста и да ја загрози слободата на изразување. Во врска со ова, Агенцијата ги информираше и премиерот Зоран Заев и двете телевизии- се вели во соопштението.