Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска го објави Првиот извештај од мониторингот на медиумското претставување на Референдумот 2018, што се однесува на периодот од 10 до 18 септември 2018 година. 

– Во услови кога немаше јасни и еднакво активни линии на агитација („за“ наспроти „против“ и/или „бојкот“) беше тешко радиодифузерите да се потпрат на известувањето од настаните за да и обезбедат на публиката разновидност на гледиштата. Оттаму, посветеноста на некои од нив кон начелото еднакво да ги третираат различните гледишта може да се забележи во подготвеноста, во вестите да понудат ставови на аналитичари, политиколози, историчари, експерти во други релевантни области кои ќе им овозможат на граѓаните поцелосен и продлабочен увид во прашањата кои треба да ги имаат предвид за да донесат информирана одлука за референдумот, стои во соопштението од АВМУ.

Други медиуми, како што се посочува, недостигот на разновидни гледишта во вестите го надополнуваа во посебните информативни програми каде настојуваа да обезбедат соговорници со спротивставени ставови. 

– Кај третата група медиуми, разновидноста на ставовите недостигаше и во вестите и во посебните информативни емисии, стои во Извештајот, кој е достапен на веб страната на Агенцијата www.avmu.mk. 

Со примерокот се опфатени Македонско радио 1, Македонско радио Програма на албански јазик, МРТ1 и МРТ2 – Програма на албански јазик, Алсат-М, Алфа, Канал 5, Сител и Телма, 24 Вести, Сонце и Наша ТВ, 1 ТВ, Компани 21-М, Клан Македонија и Шења.

Од националните приватни радија со примерокот е опфатен Канал 77 зашто другите две немаат информативна програма. При тоа, анализирана беше вкупната 24-часовна програма со акцент на централната дневно-информативна емисија и другите програми во кои се третираше референдумот.