Пожарот што денеска избувна во реонот на Скопска Црна Гора и зафати ниска мешана шума, наложи дејствување на воздухоплови на Дирекцијата за заштита и спасување. Беше дејствувано вкупно седум пати со два авиона, при што беа исфрлени 35 тони вода. Авионите дејствуваа во рамки на можностите до самиот крај на денот, додека дозволуваа условите и беше направено се што е во нивна моќ, соопштија од Дирекцијата за заштита и спасување.

Со оглед на фактот, посочуваат од ДЗС, дека никаде во светот не е предвидено да се гасне пожар во ноќни услови, акцијата на нивните воздухоплови траела до зајдисонце.

-Бидејќи, авионите се исклучително скап ресурс и се користат само за непристапни високи предели, апелираме земските служби координирано да дејствуваат на терен, а од воздухопловите да се бара помош само кога има навистина потреба – наведуваат од ДЗС.

Дирекцијата за заштита и спасување воедно упатува апел и предупредување до сите кои работат или се движат на отворен простор да не палат огнови.

-Апелот посебно се однесува на земјоделците кои интензивно се подготвуваат за пролетната сеидба и ги чистат и палат отпадоците и стрништата на нивите. Апелот се однесува и за оние кои се движат и работат во шумите, на излетниците, но и на сите граѓани, зашто доволно е само мала искра за да се потпали околната нискостеблеста вегетација – стои во соопштението од ДЗС.

Пожарот избувна денеска околу 13 часот на местото Црн камен, на потегот Липково, Скопска Црна Гора и селото Матејче.