Фото: Игор Бансколиев

Штом ќе пристигнат, на бегалците ќе им бидат направени ПЦР-тест, здравствен преглед и вакцинација против ковид-19. Изборот на хотелите во кои ќе бидат
сместени го прават самите меѓународни организации, кои и ги покриваат трошоците за нивниот престој во Македонија. Објектите се лоцирани во и на периферијата од градовите, тврдат од Владата

Македонија ги отвори ширум срцето и границите и најави прифаќање на 650 бегалци од Авганистан, иако оваа бројка може да биде и поголема, судејќи по најавите на премиерот Зоран Заев може да достигне и до 1.800 луѓе.
Како што минуваат деновите сѐ уште е неизвесно кога точно овие луѓе од Авганистан ќе пристигнат во нашата земја и, според одредени прогнози, тоа е неизвесно и може да се случи во секој момент.

Од Владата во изјава за „Нова Македонија“ информираат дека процесот е во тек, а трошоците за престојот на бегалците нема да ги покрие Македонија.
– Изборот на хотелите во кои ќе бидат сместени граѓаните на Авганистан, за кои Владата на Северна Македонија презеде обврска како дел од големата меѓународни хуманитарна мисија, го прават самите меѓународни организации кои и ги покриваат трошоците. Целокупниот процес е во соработка со Владата. Објектите се лоцирани во и на периферијата од градовите – велат оттаму.

Од Владата додаваат и дека службите ги направиле сите подготовки, се внимава на секој детаљ овие луѓе што се присилени да ги напуштат своите домови, за да ги спасат своите животи, овде да се чувствуваат безбедно и пријатно.
– Штом ќе пристигнат, ќе им бидат направени ПЦР-тест, здравствен преглед и вакцинација против ковид-19. Дополнително ќе им биде дадена поддршка и од Црвениот крст, а во периодот на престој ќе им се обезбедат здравствена заштита и психосоцијална поддршка – информираат од Владата.

Оттаму додаваат дека се работи за вработени и за жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани што изминатите 20 години беа поддршка на сојузничките НАТО-сили во Авганистан, вклучувајќи ја и македонската армија.
– Овие граѓани на Авганистан ќе имаат привремен престој до нивното заминување во САД или трета држава како нивна крајна дестинација – се вели во одговорот од Владата до „ Нова Македонија“.

Во меѓувреме, Советот на амбасадори информира дека ја поздравува одлуката за прифаќање авганистански цивили.
– Со тоа што Владата привремено ќе прифати цивилно население од Авганистан, ја исполнува обврската што ја имаат кон НАТО, САД и поддржувачите на македонските аспирации за евроатлантска интеграција – велат од извршниот одбор на Советот на амбасадори.

Во контекст на актуелните случувања, за обележување се и информациите поврзани со безбедносните проверки на Авганистанците што ќе пристигнат во Македонија. Со оглед дека станува збор за лица што пристигнуваат од подрачја каде што се активни терористички радикални организации, не се исклучува можноста меѓу стотиците бегалци да се провре и некој опасен радикален елемент, што тука може да претставува безбедносна закана.

Таков пример беше регистриран во Франција, за што порталот Еуроактив информира дека деновиве безбедносните служби на земјата регистрирале случај каде што еден бегалец од Авганистан имал конекции со талибанците, а четворица други се под истрага.

Универзитетскиот професор Злате Димовски вели дека нашите скромни разузнавачки капацитети, како и далечината на Авганистан, спречуваат Македонија квалитетно да провери дали меѓу цивилите што треба да пристигнат во земјава се крие потенцијална безбедносна закана.

Според професорот, Македонија е во очекување на бегалците од Авганистан, а во нивната безбедносна проверка, нашите служби ќе мора да имаат помош од моќните земји и партнери.
– Самите проверки ние не можеме да ги направиме како држава, затоа што ние сме и далеку од нивната матична земја. Нашите можности за разузнавање не се офанзивни, туку имаме дефанзивна служба. Во секој случај, ние не можеме да направиме таква проверка, туку ќе мора да се потпреме на меѓународни институции и држави што имаат такви можности. Тие ги поседуваат сите оние оперативни податоци што ќе ни требаат за да процениме дали некое лице е ризик или не. Таа проверка се одвива во третите земји. Сите оние што добиле инструкции да дојдат до аеродромот во Кабул веќе поминале низ неколку нивоа на безбедносна проверка. Така што, иницијалната проверка е веќе направена. Заканата е вистинска, акутна, постојана и е нешто на што сме фокусирани со сите алатки со кои располагаме – вели професорот.