Ќе стане ли Африка нова воена приказна за македонските мировници?

598

Во неколку града на Мали веќе се стационирани 4.500 француски специјални воени сили, а со зголемувањето на военото присуство на европските земји, се очекува да се намалат воените дејства на исламски радикални сили, кои се составен дел на Исламската држава (ИД)

Треба ли Македонија да ја прифати најновата француска иницијатива за спроведување мировни воени мисии за стабилизирање држави на африканскиот континент.
Оваа дилема стана актуелна во домашната јавност, особено по француската блокада на евроинтегративниот процес на државата, но и поради фактот дека таа наскоро треба да стане членка на НАТО и веќе извесно време е вклучена како во мировните мисии на ОН, така и на Алијансата.

Имено, американскиот магазин „Дефенс пост“ вчера објави дека Франција очекува интернационална група за спроведување воени операции да биде стационирана во Африка најдоцна до 2020 година и дека министерот за одбрана на Мали, генералот Флоренс Пати, ја потврдил оваа иницијатива за зголемување на бројот на војниците во неговата земја.

Според магазинот, Франција се обидува да воспостави поголемо европско воено присуство во овој дел од светот, кое ќе ги стивне протестите против меѓународните мировници во Мали и во Нигер. Во неколку града на Мали, според пишувањето, веќе се стационирани 4.500 француски специјални воени сили, а со зголемувањето на военото присуство на европските земји, се очекува да се намалат воените дејства на исламски радикални сили, кои се составен дел на Исламската држава (ИД).
Во свој осврт на случувањата, лондонски „Гардијан“, пак, информира дека Британија наскоро планира да испрати 250 свои војници во Мали, како помош на меѓународните мировници, кои се стационирани во оваа африканска држава.

Според весникот, британските војници ќе им помагаат на мировниците во Африка во нивните операции поврзани со извидување и воено разузнавање.
Весникот потсетува дека во оваа земја повеќе од шест години француските воени сили и „сините шлемови“ на ОН водат тешки битки со приврзаниците на Исламската држава, а Британија, која има околу 600 војници што се дел на мировните мисии низ светот, ќе ја засили и оваа мировна операција.

Во контекст на актуелните случувања и во пресрет на најавената средба помеѓу врховниот командант на македонските вооружени сили Стево Пендаровски и неговиот француски колега Емануел Макрон, до кабинетот на Пендаровски се обративме со прашање дали Македонија со свои војници и воена техника планира да ѝ се приклучи на оваа француска мировна иницијатива за стабилизирање на африканските држави.

Од кабинетот на претседателот Пендаровски вчера објаснија дека нашата држава наскоро ќе стане членка на НАТО и со тоа таа ќе придонесе за глобалната безбедност.

– Северна Македонија наскоро станува членка на НАТО и ќе ги исполнува обврските придонесувајќи кон глобалната безбедност. Во овој момент не постои конкретната иницијатива во насока на меѓународни воени мисии – изјавија од кабинетот на претседателот Пендаровски.

[email protected]