Карикатура: „Нова Македонија“

Дали најавеното официјално пуштање во употреба на Алипашината џамија во Охрид од страна на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган заедно со домаќинот, односно неговиот македонски контрапункт Стево Пендаровски, ќе ги затвори сите контроверзии за легалноста на објектот, или, пак, на овој начин ќе се стави печат за легитимитетот?
Начелата на легалитет и легитимитет честопати се разидувале кај нас. И во случајот со нашата Алипашина џамија, овие два темелни принципа се ставени на искушение

Дилемата во врска со отворањето на Алипашината џамија се наметна откако амбасадорката на Република Турција во Македонија, Тулин Еркал Карапри, при својата посета на Охрид пред една недела најави дека за свеченото отворање на џамијата ќе дојде лично турскиот претседател Ердоган. Амбасадорката Карапри беше првата што ја посети џамијата по нејзината реконструкција, но засега нема официјална најава дали и кога Ердоган би дошол во Македонија. Таа тврди дека верскиот објект е реставриран како што бил во минатото и порача да се почитуваат различностите помеѓу луѓето во земјава.

– Се работи на усогласување на термин што им одговара на сите, за претседателот Ердоган заедно со македонскиот државен врв да присуствува на свеченото отворање на реконструираната џамија во Охрид – истакна тогаш амбасадорката Карапри.
Амбасадорката додаде дека генералното муфтиство на Турција, преку „Тика“, која ја финансира и реконструкцијата на Алипашината џамија во Охрид, има реконструирано над 1.000 верски објекти во Македонија.

Инаку, амбасадорката на Република Турција завчера била на средба и со претседателот Стево Пендаровски, но во соопштението од неговиот кабинет по состанокот нема детали дали е разговарано за Алипашината џамија, ниту, пак, се спомнува доаѓањето на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во посета на нашата земја.
Единствено што истакнал претседателот Пендаровски е дека негувањето на стратегиското партнерство со Турција е од исклучително значење за Северна Македонија, а изразил и очекување за натамошно унапредување и зацврстување на соработката во сите области од заемен интерес. Истакнал и дека Северна Македонија високо ја цени и ја почитува континуираната помош од Турција на нашиот евроатлантски пат.

Република Турција беше главен донатор за реконструкцијата на џамијата во Охрид, како дел од историското културно наследство на Македонија.
Инаку, проектот за реставрација на оваа џамија почна пред три години и веднаш ја разбранува охридската и целата македонска јавност. Сепак, нејзината реконструкција беше проследена со серија обвинувања од охриѓани дека се гради надвор од проектот за реставрација.

Главен проблем беше висината на минарето, за кое невладините организации, од кои најгласно беше здружението на граѓани „Совест“ од Охрид, тврдеа дека тоа се гради во димензии што излегуваат од рамките на предвидениот проект.
Оттаму алармираа дека наместо да се реставрира и заштити Алипашината како споменик на културата, противзаконски и без соодветна дозвола и документација се доградува постојниот верски објект – со минаре и придружни објекти во дворот.
Иако имаше одлуки на државните власти за стопирање на изградбата, сепак реконструкцијата продолжи и заврши за време на претседателските избори.
При една од средбите со претставниците на здружението „Совест“, премиерот Заев посочил дека институциите ќе постапат во согласност со законите, како и дека преку дијалог со сите засегнати страни, а имајќи ја предвид сензитивноста на прашањето, ќе се најдат решенија во интерес на граѓаните на градот Охрид и на државата, која останува посветена на заштитата и промоцијата на богатото културно наследство што го поседува градот Охрид.

За оваа џамија отворено зборуваше и поглаварот на Исламската верска заедница во земјава, Сулејман Реџепи, кој пред половина година рече дека, за жал, во Охрид има едно здружение на граѓани што се труди да ја спречи реставрацијата на таа убавина, на нејзиното минаре, кое постоело отсекогаш, кое постоело и во оригиналниот изглед на џамијата.

– Ужас е само да помислиш дека „минарето ќе му наштети на ликот на градот“. Замислете да се реновира некоја од македонските цркви и некои граѓани да инсистираат таа да ја нема камбанаријата. И тоа би било ужас. Но таа џамија ќе биде довршена, бидете сигурни, бидејќи бог ги сака своите домови – изјави тогаш поглаварот.
Состојбата со Алипашината џамија беше и мотив за меѓупартиски обвинувања. Претседателот на здружението „Совест“, кое ги организира протестите, Михаил Трендафилов-Нанче поднесе оставка на функцијата, со обвинување дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за време на претседателските избори одржани во април годинава собирале политички поени од Алипашината џамија, а правото и правдината им ги потчиниле на политиката и политикантството.

– Згрешивме сметајќи дека тие се оние што кочат. За жал, доцна сфативме дека не е проблемот во непостапување на институциите, туку во замешаноста на политиката. Бевме наивни, го откажавме масовниот протест за мирно да поминат изборите. Додека очекувавме да завршат работите, се прошири вест дека сме се испазариле за работите да продолжат. Смешно, да не е тажно и срамно – изјави тогаш Нанче.


Џамија во Охрид од 15 век

Алипашината џамија е сместена во Старата охридска чаршија. За годината на нејзината изградба и за нејзиниот ктитор не постојат точни податоци. Според една вакуфнама, која датира од 1491 година и во која се споменуваат сарај и вакафи што му припаѓаат на Али-паша се смета дека имало и џамија што го носела неговото име. Според архитектонските карактеристики и едноставноста на формите, џамијата била изградена кон крајот на 15 или почетокот на 16 век. Во составот на џамијата во 1823 година била подигната и медреса, која денес не постои.

Фото: Маја Јаневска-Илиева