Ќе се зголемат платите на здравствените работници

135

Постигнат е договор за зголемување на платите на здравствените работници и соработници, почнувајќи од февруари в година.

Платите на лекарите специјалисти се зголемуваат 25 проценти, а на медицинските сестри 10 проценти. Кумулативно заедно со сите други зголемувања од 2018 наваму, основната плата на лекарот специјалист се зголемува 40 отсто, а на медицинските сестри помеѓу 20 и 23 проценти. Ова го соопшти министерот за здравство, Венко Филипче, по средбата со претседателите на гранковите синдикати, Љубиша Каранфиловски, и на синдикатот на Клиничкиот центар, Горан Беговиќ.

Филипче изрази благодарност до синдикатите за нивната контруктивност, но и до лекарите специјалисти, членови на синдикатот, меѓутоа и во сите јавни здравствени установи, кои се согласија да се намали процентот на нивното зголемување за да се зголеми процентот на зголемување на платите на медицинските сестри.
– Според договореното, платата на лекар специјалист наставник или обичен специјалист во Клиничкиот центар на Хируршките клиники и на Интерните клиники ќе достигне, но на некои и ќе надмине и 100.000 денари. Просекот на платата на лекар специјалист во општите болници ќе биде помеѓу 85 и 88.000 денари, заедно со дежурствата и во согласност со бројот на дежурствата може многу лесно да достигне и до 100.000 денари. Дозволете да кажам и дека нема да ги оставиме ниту заборавиме сите тие што досега не добија зголемување. Тука мислам на болничко-техничкиот персонал, кој исто така е во тимот, администрацијата што работи во здравството ќе биде предмет на дискусија во текот на следната година. Остануваме доследни на сите наши ветувања, веруваме дека со оваа мерка го враќаме достоинството на здравствените работници. Ќе продолжиме и понатаму да работиме не само во однос на зголемувањето на платите туку и подобрување на условите во кои работи здравствениот персонал затоа што само задоволни од системот и добро стимулирани финансиски здравствени работници, значи задоволни и добро третирани пациенти – додаде Филипче по средбата.

Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски, потсети дека ова е четврто покачување на платите изминатиов период имајќи предвид дека веќе беа зголемени и додатоците за дежурство и за ноќен труд.

Горан Беговиќ, претседателот на Синдикатот на Клиничкиот центар, искажа благодарност и нагласи дека продолжува заедничката соработка со Министерството за здравство за вреднување на трудот на здравствените работници.