Ќе ги почитуваат ли институциите новите еколошки стандарди

89

По континуираниот притисок на јавноста и протестите организирани од граѓанските здруженија, Собранието конечно ги изгласа законските измени со кои се забранува увоз на отпад што се користи како извор на енергија, што, пак, според експертите, можеби и не е решение за проблемот

Можеби забраната за увоз на отпад за согорување не е решение, но кога довербата во институциите е во длабока криза, јавноста, наместо да бара функционални и ефективни институции, бара забрани. Така ја објаснуваат експертите завчерашната одлука на Собранието да ги изгласа измените на Законот за управување со отпад, со кој се забранува увоз на отпад што се користи како извор на енергија.
Имено, измените беа изгласани по континуираниот притисок на јавноста и протестите организирани од граѓанските здруженија, иако претходно во два наврата се одложуваше расправа по оваа точка.

Одлуката да се забрани увозот на ваков вид отпад ја поздравија повеќе невладини организации што сметаат дека борбата за здрава и чиста животна средина треба да продолжи.
– Овој закон секако дека нема да ги реши сите проблеми со загадувањето, нема одеднаш да го прочисти воздухот, но поставува многу значајно скалило во обидот за воведување ред во државава и ставање на здравјето на граѓаните во прв план. Нема враќање назад. Животната средина и чистиот воздух ќе бидат едни од приоритетите со кои секоја сериозна политичка партија ќе мора да се соочува во иднина – велат од иницијативата О2.

Аналитичарите сметаат дека граѓаните бараат забрани бидејќи сметаат оти државата и нејзините институции немаат капацитет да ги контролираат увозот и согорувањето на отпадот.
– Како граѓаните да им веруваат на власта и на Министерството за животна средина што е проблем и што е решение, кога Министерството не е способно да го одржува исправен мониторинг-системот за загадувањето на воздухот и од десетици и десетици мерки за загадувањето има спроведено една мерка! Како да верува во Министерството за животна средина, кога се апсат нивните колеги во Бугарија, членка на ЕУ, поради увоз на опасен отпад? Никако! И затоа јавноста во очај, наместо функционални институции, бара забрана – смета аналитичарот Сашо Клековски.
Законските измени беа предложени од пратеничките од редовите на ДОМ Маја Морачанин и Лилјана Поповска.

– Со предложените законски решенија во предлог-законот за изменување на Законот за управување со отпадот ќе се постигне поголема заштита на животната средина и пред сè на здравјето на луѓето – посочија предлагачите.
Инаку, во моментот сè уште се чекаат резултатите од мострите што минатата недела беа земени од неколку камиони што превезуваа отпад наменет како енергент, а кои беа запрени при влез во земјава.
– Ги чекаме резултатите од мострите за да се утврди дали има опасни материи во увезениот отпад, по што јавноста ќе биде информирана. Доколку нема штетни материи, оној отпад што бил увезен пред донесувањето на измените на Законот за управување со отпад би можел да биде согорен или, пак, доколку така одлучи компанијата што го увезла, да биде вратен во земјата од каде што е донесен – велат од Државниот инспекторат за животна средина.

Македонија изминатите години се најде во светскиот врв според загадувањето на воздухот, но и на почвата и на водите. Повеќето истражувања покажаа дека расте и стапката на смртност меѓу населението предизвикана од загадувањето, што на некој начин го вклучи алармот меѓу граѓаните, кои побараа одговори од државата за тоа кој загадува, но истовремено и решенија како да се намали загадувањето. Токму протестите на граѓанските организации покажаа дека оваа иницијатива е натпартиска и вистински граѓанска, во која се најдоа сите, без оглед на партиската, етничката или верската определба. Можеби токму борбата за здрава животна средина ќе биде обединувачкиот елемент.